Обвинителите и адвокатите во Германија не можат да смислат начин како да казнат пензионер кој со децении чувал легендарно нацистичко воено оружје во неговиот подрум – тенк „пантер“ и 88-милиметарски противвоздушен топ.
Тенкот, топот и торпедото беа изнесени од подрумот на куќа во северниот германски град Хајкндорф во 2015 година.
За целата акција беше потребно ангажирање на неколку воени возила и неколку десетици војници и неколкучасовно внимателно извлекување од подрумот.
Шест години подоцна, обвинителите и адвокатите сè уште не можат да се договорат за паричната казна, која може да биде дури 500 000 евра.
Осумдесет и четиригодишниот обвинет исто така мора да најде нов дом за својата необична колекција.
Неговиот адвокат вели дека Американскиот музеј е заинтересиран за купување на тенкот „Пантер“, кој се смета за еден од најдобрите тенкови во Втората светска војна.
Освен „Пантери“, неколку колекционери од Германија се заинтересирани и за други работи од колекцијата – популарниот „88“, исто така еден од најсмртоносните топови во војната, како и пушките и пиштолите.
На вчерашното рочиште во Кил, оддалечено околу 100 километри од Хамбург, адвокатите се обидоа да утврдат дали колекцијата го крши германскиот Закон за контрола на оружје, со кој се регулира производството, продажбата и транспортот на оружје.
Одбраната посочува дека многу од оружјето во колекцијата не се функционални. Се разгледува прифаќање на пониска казна од 50.000 евра, пишува весникот Велт.