Германскиот амбасадор во Велика Британија, Михаел Бергер денеска оцени дека царините од 20 отсто што ги воведоа Соединетите Американски Држави за увоз од ЕУ се „најголемиот напад врз глобалната трговија од крајот на Втората светска војна“.
„Царините на САД се навистина поразителни, но ЕУ ќе мора да најде начин да се справи со тоа“, рече тој, a пренесува Танјуг.
Бергер рече дека европските министри за трговија ќе се состанат во понеделник за да одлучат „како да реагираат“ и да „направат список на можни реакции“.
„Крајната цел е да влеземе во преговори со САД. Подготвени сме да возвратиме. Сакаме да ја избегнеме оваа трговска војна“, потврди тој, додавајќи дека пазарот на ЕУ од 450 милиони луѓе има најголема трговска размена со САД.
Бергер рече дека „БМВ“ е најголемиот извозник на автомобили во САД и предупреди дека ако ЕУ возврати „ние би направиле двојно штета на нашата автомобилска индустрија“, бидејќи Трамп веќе воведе царини од 25 отсто за автомобилите.
„Она што е многу важно е луѓето да внимаваат не само на тарифите, туку и на секундарните ефекти“, рече тој.
Бергер рече дека одмаздничките мерки би можеле да ги таргетираат големите американски технолошки фирми, но ќе треба да размислат како тоа би можело да и наштети на економијата и потрошувачите на ЕУ.