Над 260 германски компании сè уште се активни во РУСИЈА, кои остваруваат обрт од над 23 милијарди долари, објави во вторникот германскиот јавен сервис АРД. „Германските компании во 2022 година и платиле даноци на руската држава во износ од 402 милиони долари“, пренесува АРД, повикувајќи се на податоци од School of Economics од Киев.
Според истите податоци, во Русија моментално се активни 262 компании, кои во 2022 година оствариле промет од 23,2 милијарди долари. По рускиот напад на Украина во февруари 2022 година, голем број германски компании ја напуштија Русија, но многу поголем број, околу две третини, останаа активни во таа земја.
Лани најголем промет во Русија со 3,4 милијарди долари оствари германскиот трговски концерн „Метро“. Претставници на оваа компанија објавија во дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека нивното работење во Русија не ги прекршува санкциите што Европската унија ги воведе кон оваа земја по почетокот на нападот врз Украина.
„Нашиот бизнис целосно ги исполнува условите наметнати од санкциите на ЕУ“, изјавија претставници на „Метро“, кои најавија дека ќе продолжат да бидат присутни во Русија.
Втората по големина германска компанија во Русија, енергетската компанија „Унипер“ најави претстојно заминување од оваа земја.
Според АРД, другите германски компании активни во Русија не ги прекршуваат санкциите на ЕУ. Од западните компании, само американски компании се поактивни во Русија од германските компании, кои во 2022 година оствариле промет од 40 милијарди долари и платиле 712 милиони долари данок во руската каса.
Од западните компании активни во Русија, најголемиот број од нив остваруваат приход преку продажба на тутун и алкохол, а предничат Japan International Tobacco и американскиот Philip Morris.
Швајцарската Nestle е меѓу западните компании со најголеми приходи.