Германските машиновозачи се закануваат со посилни и подолги штрајкови

од Vladimir Zorba
231 прегледи

Машиновозачите во Германија вечерва го прекинаа тридневниот штрајк, а претседателот на синдикатот ГДЛ Клаус Веселски го повика главниот железнички оператор Дојче Бан да размисли за нивните барања во следните неколку дена, во спротивно, се заканува со посилни и подолги штрајкови.

„По завршувањето на штрајкот, ќе и дадеме малку време на компанијата да се опорави. Ако не го сторат тоа, ќе следи следната акција. Ќе биде подолго и уште посилно ќе ја погоди компанијата“, изјави Веселски во Берлин, пренесoa германските медиуми.

Штрајкот на германските машиновозачи се одржа откако пропаднаа преговорите меѓу синдикатот ГДЛ и Дојче Бан за зголемување на платите и намалување на работното време за вработените.

Синдикатот бара намалување на работното време од 38 на 35 часа неделно, покачување од 555 евра месечно и еднократен компензациски бонус за инфлација од 3.000 евра.

Дојче Бан неодамна ја покани ГДЛ да се врати на преговарачка маса.

„Подготвени сме да преговараме, подготвени сме да разговараме“, изјави во Берлин портпаролката на Дојче бан, Ања Брокер.

Во меѓувреме, во Германија продолжуваат протестите на земјоделците против плановите на германската влада да ги прекине субвенциите за гориво.

Земјоделците протестите ги започнаа во понеделник, а планирано е да траат до 15 јануари годинава.

Слични содржини