Српскиот тениер Новак Ѓоковиќ никогаш не се плашел да каже што мисли, дури и кога знае дека тоа може да му наштети и да предизвика проблеми. На крајот на краиштата, во прилог на тоа најдобро говори одлуката да се формира сојуз на играчи „PTPA“ и да се започне борба против АТП за правата на тенисерите. Сега отиде чекор понатаму и ангажираше адвокати.
„PTPA“, чиј основач е тој, започнува борба со АТП поради преполниот календар, преголемиот број на турнири и сè поголемите обврски на тенисерите. Сезоната завршува во средината на ноември и започнува веќе на крајот на декември, што значи дека имаат околу еден месец за одмор. Затоа Новак реши да „удри“ уште посилно.
„PTPA ангажираше неколку глобални адвокатски фирми за целосно да ја сменат структурата на тенисот. Главната поента на оваа акција лежи во фактот дека просечниот тенисер работи премногу и има премал приход за стандардот на глобално популарен спорт. Се чини дека револуцијата би можела да започне одвнатре“, се наведува во текстот на британски „Телеграф“.
Многу играчи протестираат и јавно зборуваат за сите овие проблеми. Тоа го кажаа на прес-конференции, а пред само неколку дена Стефанос Циципас имаше објава на Твитер, која набрзо потоа ја избриша. Се шпекулира дека некој го советувал да го направи ова.
„Потребата за промени сега е поитна од кога било. Календарите на АТП и ВТА се такви што немаме одмор. Со лидери како Новак Ѓоковиќ, приказните за менување на календарот за да им одговараат на играчите добиваат се поголемо внимание“, напиша Циципас.
Еден од директорите на синдикатот „PTPA“, Ахмад Насар, зборуваше токму за тие проблеми со кои се соочуваат играчите
. „Тенисот е втор најгледан спорт според нашите податоци, веднаш по фудбалот, и покрај тоа е само деветти кога се гледа заработката. Четири Грен слем годишно на играчите им носат меѓу 14 и 16 отсто од нивната вкупна заработка, додека, на пример, на ист начин на кошаркарите во Америка им се враќаат околу 50 отсто од парите“, изјави Насар за британски „Телеграф“.
Доколку има правен процес и покренување судски спор, проблемот може да настане во врска со егзибициските турнири. На пример, егзибицијата „Шест кралеви“ во Саудиска Арабија на секој од шесте учесници им дава по 1,5 милиони евра само за учество (Ѓоковиќ, Надал, Алкараз, Синер, Медведев и Руне). Промените на распоредот може да влијаат и на тие турнири и да доведат до потенцијални забрани за учество на неофицијални турнири.