Ѓорѓиевски: Бесплатно летување за дечињата од социјален ризик и спортските таленти

од Milan1
13 прегледи

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, сподели вест дека е обезбеден бесплатен спортско-едукативен камп за децата од социјален ризик и спортските таленти на територијата на општината.

Како што посочи, во август ќе заминат на бесплатно летување во Охрид каде што ќе можат да се дружат, социјализираат и да се едуцираат.

Во месец август, бесплатен летен спортско-едукативен камп ќе посетуваат учениците од социјално ранливите семејства и младинските екипи составени од ученици кои учат во основните училишта во Кисела вода, а се членови на спортските клубови регистрирани на територија на општината.

-Оваа иницијатива, која е плод на посветеноста за промовирање на спортот и здравиот начин на живот, ги промовира и еднаквите можности за учество и развој на сите деца без разлика на нивната финансиска состојба. Овој бесплатен седумдневен камп на брегот на Охридското Езеро ќе биде повеќе од обично дружење. Тој претставува можност за нашите ученици да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите спортски таленти. Верувам дека преку вакви активности, децата ќе можат да ги зајакнат своите спортски вештини, но и да научат важни животни лекции за тимска работа, дисциплина и посветеност. Овие спортски кампови се стимул за спортистите да продолжат да се натпреваруваат и да ги постигнуваат своите цели, но исто така претставуваат и обид да се избегне маргинализацијата на децата од социјално загрозените семејства. Сите деца, без разлика на нивната социјална позадина, треба да имаат еднаква шанса за успех и развој. Се гледаме на заедничко дружење од кое ќе останат многу спомени, изјави Ѓорѓиевски.

Слични содржини