Ѓорѓиевски: Ќе го решиме сообраќајниот хаос во Чаир и ќе инвестираме во јавната хигиена

од Vladimir Zorba
8 прегледи

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на вечерашниот митинг во општина Чаир, во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ истакна дека ќе има големи промени во општина Чаир, без поделби врз основа на етничка, верска и политичка припадност со конкретни проекти, со модел на работа за решавање на актуелните проблеми и реален развој на општината.

-Скопје е еден град, еден дом за сите нас. И затоа, нема да дозволам да се прават поделби по етничка, верска или партиска основа. Поделбите се минато. Време е за обединување. Мојата рака е подадена кон сите. Кон моите сограѓани Македонци, но и кон моите соседи и пријатели Албанци, Турци, Роми, Бошњаци. Ве повикувам сите заедно да работиме за нашиот град. Да изградиме Скопје во кое сите ќе се чувствуваме достоинствено, безбедно и рамноправно, посочи Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека Општина Чаир била заборавена последните години од градските власти.

-Жалам што се пропуштени години без поддршка од Градот кон Општина Чаир. Тоа ќе го промениме. Ќе се посветиме на Чаир, еднакво и рамномерно, како кон сите општини во Скопје, тоа ви го ветувам. Она што го направивме во Кисела Вода, со многу работа и чесност, е мојата гаранција пред вас. Тој модел на работа, каде се слуша гласот на граѓаните и каде се решаваат реалните проблеми, сакам да го понудам на целото Скопје, вклучително и овде во Чаир. Со години, Чаир беше оставен на страна. Но, тоа време завршува! Со заедничка работа, можеме да ги решиме наталожените проблеми. Ќе инвестираме во чистотата, во јавната хигиена и во комуналниот ред, за Чаир да добие лик каков што заслужува една централна градска општина. Нашиот план предвидува конкретни, капитални проекти, вели кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски најави решавање на најголемиот проблем, сообраќајниот хаос во Чаир.

-Ќе го изградиме булеварот „Цветан Димов“ со шест ленти, со велосипедски патеки, со зеленило и модерно осветлување. Ова е реално и остварливо ветување. Ова не е само асфалт, ова е нова, модерна порта кон центарот на градот! А за да го решиме и паркирањето, проблем кој заедно со општината ќе го решаваме, паралелно ќе изградиме монтажен паркинг кај „Чаирчанка“ и ќе дадеме поддршка на Општината за другите проекти за паркинзи. Но, нашата визија не застанува тука. Ќе го поврземе Чаир со сите делови на градот.
Ќе го изградиме булеварот „Хрватска“, кој ќе ве поврзе со источниот дел на Скопје, но и ќе го растерети сообраќајот низ Чаир. Ќе ја завршиме и клучката „Момин Поток“, со што ќе го олесниме пристапот од западниот дел на градот. Ќе го вратиме животот во срцето на градот, ќе ги претвориме Скопското Кале и Старата чаршија во живи културни сцени, места каде нашата заедничка историја и убавата култура ќе се слави секој ден. Тоа ќе биде економски стимул за сите мали и средни бизниси во Општина Чаир, вели Ѓорѓиевски.