Ѓошева: Младите се поактивни на парламентарни избори отколку на локалните, на националните прашања гледаат со поголема сериозност

Таа за „Локално“ вели дека младите се соочуваат и со одредени пречки во однос на гласањето на овие локални избори

од Бисера Трајковска
12 прегледи

Локалните политики не се интересни за младите, бидејќи не се во фокусот младинските политики. На локалните избори се кандидираат луѓе кои имаат над 40 години и младите со нив не може да се поистоветуваат. Од друга страна, младите се поактивни на парламентарните избори, затоа што говорат за националната политика, а на националните прашања младите гледаат со поголема драматичност и сериозност, вели за „Локално“  студентскиот правобранител на УКИМ, Савче Ѓошева.

Во време кога се уште се во тек локалните избори, Ѓошева потенцира дека младите се соочуваат и со одредени пречки во однос на гласањето.

-Голем дел од младите се соочуваат со пречки при гласањето на овие локални избори. Еве на пример, јас како студент и како вработена, не можам да одам во мојот роден град да гласам, од причина што тоа ми одзема многу време. Од друга страна, јас не сум запознаена со потребите на мојот роден град, затоа што таму не живеам активно пет години. Ги знам проблемите на Скопје, каде што живеам постојано, но не можам да гласам за кандидатите во Скопје, бидејќи мојата адреса на живеење не е тука, вели Ѓошева.

Во однос на тоа зошто се зголемува евроскептицизмот кај младите, Ѓошева посочува оти младите не веруваат дека политичари кои играат на националистичка карта и се коруптивни, би спровеле брза интеграција на земјата во ЕУ.

Б.Т.

Слични содржини