Ѓурѓај од МД „Илинден“ – Тирана: „Уцена до Македонците да се пишат како Бугари на пописот – да беше Албанија или Македонија во ЕУ немаше да нудат пасоши“

од Nikola Popovski
730 прегледи

Заврши пописот на населението во Албанија каде што живеат Македонци. Имало притисоци и закани, обелодени поранешниот пратеник во Албанското собрание и претседател на единствената македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски. Тој побара продолжување на пописот бидејќи во последните три недели од официјалниот старт жителите во македонските краишта не се попишувале бидејќи голем дел од луѓето кои живеат таму својата егзистенција ја обезбедувале со сезонска работа во соседните земји. Главен механизам на закана биле и бугарските пасоши, кои во случај да се изјаснат како Македонци ќе им бидат одземени или на апликантите воопшто нема да им бидат доделени.

Бугарски државјанства како на пазар

Високи функционери од Бугарија ги посетуваат регионите каде што живеат Македонците во Република Албанија. Делат помош, нудат државјанства како на пазар, вели за „Локално“, претседателот на македонското друштво „Илинден“ -Тирана, Никола Ѓурѓај. Како што истанува, мешањето од бугарската држава последните години и сега во време на пописот во Република Албанија е зголемено и поагресивно, односно дека цела бугарска машинерија е впуштена во притисоци кон Македонците да се попишат како Бугари со сите методи.

-Главно е делење пасоши и уцена да се пишат Бугари за да добијат државјанство, бидејќи само тоа „пали“ кај населението поради економски причини за да бегаат во западните земји за подобар живот. Да беше Албанија или Македонија во ЕУ нема ни што да нудат. Пописот во Република Албанија почна на 18 септември и требаше да заврши на 30 октомври годинава, ама за жал каде живее македонско национално малциство во регионите на Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник не е продолжен, посочува Ѓурѓај и вели дека македонското друштво „Илинден“-Тирана во континуитет апелирала до Македонците во Република Албанија да не се плашат и слободно да се попишат.

Ѓурѓај е дециден луѓето кои што живеат таму со векови се Македонци коишто зборуваат македонски јазик.

-Македонците во Република Албанија по завршувањето на пописот ќе ги анализират резултатите и ќе одлучиме дали ќе ги признаеме резултатите. Сега е рано да кажеме. Ќе следат и консултации со другите малцинства. Исто и од нив имаше во текот на попис забелешки, па оттаму ќе излеземе со заеднички став, ни изјави Ѓурѓај.

Евидентни притисоци

Со почетокот на пописот кај нашиот западен сосед, евидентни беа и притисоците и повиците кон жителите на Пустец да се изјаснуваат како Бугари на пописот во Албанија. Претседателот на Бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку Фејсбук кон средината на септември порача дека ако не се регистрираат како етнички Бугари, ќе им бидат повлечени бугарските пасоши.

 „Доколку сега не се изјасните како Бугари, ќе ви бидат одземени пасошите, а кај оние кои се во постапка истата ќе биде запрена. Веќе имаме еден таков случај. Помислете“, објави тој на Фејсбук. Претходно Фондацијата „Македонија“ упати апел до жителите со бугарско државјанство во оваа земја на пописот да не го прескокнуваат прашањето за етничка припадност и да се пишат како етнички Бугари. 

Во пресрет на пописот, бугарската потпретседателка Илијана Јотова беше во тридневна посета на Албанија, за промоција на акцијата „Бугари во Албанија“. Таа во Елбасан отвори неделно училиште на бугарски јазик. За време на посетата во Тирана беше и промовирана книгата на профсор Спас Ташев „Бугарите во Албанија“. Во Голо Брдо, во селото Големо Острени, Јотова се сретна со претставници на бугарското национално малцинство. Во бугарските медиуми се потсетуваше дека Јотова е првиот бугарски државник кој ја посети „бугарската заедница во Албанија“, веднаш по нејзиното официјално признавање во 2017 година.

Иако на последниве 11 пописи кај западниот сосед, ниту еден жител не се декларирал како дел од бугарско малцинство, државниот врв на Бугарија ја принудува Албанија да признае бугарско малцинство.

Н.П.

Слични содржини