Монетарната политика и понатаму ќе мора да биде цврста, бидејќи инфлацијата е поупорна отколку што очекувавме, изјави главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Пјер-Оливие Гуринша.
Во интервју за шпански „Паис“, Гуринша изјави дека моменталната инфлација во Европската унија и во еврозоната е помала поради падот на цените на енергијата и храната, но дека базната инфлација не се намалува.
Економистите од ММФ наскоро ќе извлечат заклучоци од ваквиот развој на настаните, но Гуринша додава дека сегашното заострување на монетарната политика не донесе соодветни резултати и дека можеби ќе треба да остане на ова ниво подолго – барем до 2025 година.
Според него, пораката на состанокот на економистите во Синтра е дека високите каматни стапки ќе останат уште некое време, дека нема наскоро да се намалат.
Главниот економист на ММФ во исто време истакна дека сценариото за рецесија во САД „не е блиску“.
„Американската економија покажува издржливост: невработеноста е на историски ниско ниво што не е забележано со децении, има многу слободни работни места, а економијата сè уште расте, можеби дури и посилно од очекуваното“, рече тој.
На прашањето дали е можно да се победи инфлацијата без да се предизвика економска рецесија, Гуринша посочи дека ќе биде „многу тешко“.
„Европските економии веќе забавуваат, а американската економија можеби ќе треба уште повеќе да забави. Можно е, но мислам дека ќе биде тешко, потешко за еврозоната отколку за САД“, заклучи Гуринша.