Главниот командант на полската полиција Јарослав Шимичик смета дека во планирањето и нападот на мигрантите на границата активно учествувале полицајци од белоруските служби. Во интервју за локална телевизија, тој рече дека доказ за тоа е фактот што бегалците имале шок гранати и солзавец.
Според него, не е случајно што децата прво се појавуваат, а потоа исчезнуваат. Шимичик истакнува дека набљудувајќи го однесувањето на луѓето кои фрлале камења, се чини дека тие се добро обучени и имаат искуство во разни судири. Командантот смета дека тие биле обучени во Белорусија, а меѓу најагресивните биле офицери од белоруските служби.
Јарослав Шимичик, исто така, истакна дека многу од напаѓачите носеле маски, што ја оневозможува нивната идентификација. Тој рече дека полското обвинителство покренало истрага за нападот на границата. Во моментов се врши увид и се прибираат физички докази. Како резултат на нападот повредени се 12 лица, меѓу кои девет полицајци.