Глобалното затоплување петкратно ја зголеми стапката на топење на глечерите на Гренланд во последните 20 години, соопштија денеска научниците од Универзитетот во Копенхаген.
Топењето на мразот на Гренланд е особено загрижувачко бидејќи древната ледена покривка, доколку целосно се стопи, има доволно вода за да го подигне нивото на морето за најмалку шест метри.
Студијата на илјада глечери во оваа област покажа дека стапката на топење влезе во нова фаза во последните две децении, рече Андерс Анкер Бјорк, доцент на Катедрата за геонаука и управување со природни ресурси на Универзитетот во Копенхаген.
„Постои многу јасна корелација помеѓу температурата што ја доживуваме на планетата и промените што ги гледаме во тоа колку брзо се топат глечерите“, рече Бјорк.
Глечерите се намалуваат во просек за 25 метри годишно, во споредба со пет до шест метри пред околу две децении, заклучија научниците по проучувањето на развојот на глечерот во текот на 130 години преку сателитски снимки и 200.000 стари фотографии.
Како што посочија научниците од ЕУ претходно овој месец, светот веќе се загреал за речиси 1,2 степени Целзиусови над прединдустриските температури, а веќе е практично сигурно дека 2023 година ќе биде најтоплата во последните 125.000 години.
„Намалувањето на температурите ќе бара светско единство во напорите за минимизирање на стакленички гасови во атмосферата. Верувам дека можеме да се подготвиме за тоа глечерите да продолжат да се топат со зголемена брзина“, рече директорот на Климатскиот институт во Архус, Јорген Еивинд Олесен.
Глечерите на Гренланд често се користат за предвидување на ефектите од климатските промени на ледената покривка на најголемиот остров во светот.
„Ако почнеме да сфаќаме дека глечерите ја губат масата неколку пати побрзо отколку во минатиот век, тоа може да нè наведе да очекуваме дека ледената покривка ќе го следи истиот пат само на побавно и подолго време“, рече вишиот истражувач од Геолошкиот институт Вилијам Колган.
Истражувањата велат дека ледената покривка на Гренланд придонела за 17,3 отсто од зголемувањето на нивото на морето помеѓу 2006 и 2018 година, а глечерите, од кои има околу 22.000 на островот, придонеле со 21 отсто.