Гледањето на продолжението на „Дина“ била последна желба на пациент на умирање, режисерот му го испратил својот лаптоп

од Vladimir Zorba
510 прегледи

Филмот „Дина: Втор дел“ моментално е главна тема во Холивуд и меѓу бројните обожаватели кои со нетрпение ја очекуваа неговата премиера во кината одржана минатиот викенд. Сепак, еден фан го гледал филмот пред сите други.

Шест недели пред официјалната премиера, овој научно-фантастичен спектакл во режија на Денис Вилнев беше тајно прикажан на сосема неочекувана локација – одделението за палијативна нега.

Таму еден пациент ја изразил својата последна желба да го гледа долгоочекуваното продолжение, плашејќи се дека никогаш нема да добие шанса да го гледа.

Болницата во Квебек дала се од себе да му ја исполни желбата и го контактирала Вилнев, кој му дозволил да гледа во креветот на пациентот од сопствениот лаптоп. Лаптопот со филмот му го доставил личниот асистент на режисерот, а сите инволвирани морале да потпишат договор за доверливост и да ги остават мобилните надвор од просторијата која била целосно затемнета и изолирана од погледот на љубопитните.

Во целиот проект се вклучи и здружението кое ги исполнува последните желби на оние кои умираат, L’Avant, а сега открија колку требало да се организира се.

„Бевме ограничени со време бидејќи на пациентот му останаа само уште неколку недели живот. Меѓутоа, тимот што работеше на „Дина“ беше исклучително трогнат од оваа желба и ни кажа дека тие снимаат филмови за вакви луѓе“, рече Хозе Гањон, основач на здружението.

Вилнев и неговата сопруга сакале да го угостат пациентот во нивниот дом, но во таа фаза тој веќе бил премногу слаб за да патува. Кога станало јасно дека е само прашање на време кога неговиот живот ќе заврши, асистентот набрзина одлетал во Квебек и му овозможил да го гледа филмот.

За жал, пациентот трпел толку многу болки што успеал да гледа само половина од 2 часа и 46 минути, но признал дека не жали што не го видел крајот.

„Тој имаше исклучително тежок живот и тоа што сите ние се вклучивме во остварувањето на оваа желба за него направи огромна разлика и беше уште повредно од гледањето на филмот“, рече Гањон.

Само неколку дена подоцна, пациентот починал. За да ја задржи приватноста, беше откриено само дека тој има 50-ти години.

Слични содржини