Парична казна од 1.000 лева (нешто малку повеќе од 500 евра) и одземање на возачката дозвола на три месеци – тоа се предвидените казни за сите што ќе бидат фатени како возат по лентите за запирање на автопатите, предупреди бугарското Министерство за внатрешни работи (МВР) во официјално соопштение.
Министерот за внатрешни работи Даниел Митов наредил засилена контрола и извршување специјална полициска операција на територијата на Бугарија.
Обемни полициски операции ќе се спроведуваат цело лето, со посебен акцент на деновите на викендот.
Според член 178 од Законот за движење по патиштата, казната за возење по споредните ленти е одземање на дозволата до 3 месеци, како и глоба од 1.000 лева. При повторен прекршок, казната е одземање на возачката дозвола на 6 месеци, но глобата е драстично повисока – 4.000 лева.
Засилувањето на полициските контроли уследи откако бугарскиот премиер Росен Жељазков нареди постојано патролирање на полициски возила заради откривање на сите што возат или претекнуваат по лентите за запирање – вклучително и при застои на сообраќајот.
Ваквото возење е прилично честа појава на автопатиштата во Бугарија, каде што исто така голем број од возилата ги пречекоруваат ограничувањата за максимална дозволена брзина.