Гнев кај невакцинираните Австријци: Гледам луѓе во кафулињата, а не можам да влезам

од Nikola Popovski

Од понеделник во Австрија важи правилото „1Г“ кое овозможува слободно движење само за вакцинираните граѓани. Тоа значи дека околу два милиони Австријци се во изолација, а една од нив е Карина, учителка по јога, која не е вакцинирана против корона и не сака да го направи тоа и покрај ограничувањата.

На Карина сега и е дозволено да излегува од дома само во случај да оди на работа или да купи егзистенцијални намирници, а исто има забрана за влез во кафулиња и ресторани. Репортер на Би-Би-Си ја сретнал во еден виенски парк каде што сега вежба, бидејќи на невакцинираните луѓе им е дозволено да шетаат само во природа, физички оддалечени од другите луѓе.

Карина вели дека не ја разбира причината за заклучувањето и дека од понеделник се чувствува празно.

„Утрово поминував покрај некои кафулиња. Малку е чудно, гледам внатре и знам дека не можам да влезам. Затоа се чувствувате навистина исклучени“, вели таа.

Таа додава дека не ѝ се допаѓа тоа што, како што вели, државата ја таргетира како непријател кој не се грижи за здравјето на другите.

„Не сакам луѓето да се разболуваат. Јас сум внимателна. Се тестирам. Не сум под висок ризик од коронавирус и мислам дека вакцинацијата е лична одлука. Ги разбирам луѓето кои се вакцинираат, но и оние кои не сакаат“, рече таа.

Наплив на вакцини

Од друга страна, има и такви кои не сакаат да бидат ограничени во ништо без разлика дали се вакцинирани или не. Побрзаа во центрите за вакцинација и откако се заострија мерките, вакцинирани се повеќе Австријци отколку во кој било претходен период. Само во изминатата недела дадени се нешто помалку од половина милион дози.

Пред местата за вакцинација има огромни редици, а една од оние кои чекаат е Дорис, која за Би-Би-Си вели дека ќе се вакцинира за да може без проблеми да оди во шопинг и во кафулиња, без страв дека некого ќе загрози.

„Единствено решение е сите да се вакцинираме. Тоа е единственото решение. Инаку, одамна имаме проблем. И ние навистина сакаме да се ослободиме од тоа“, рече таа.

И д-р Томас Шекерес, шеф на Австриската лекарска комора, вели дека се надева оти стапката на вакцинација ќе се зголеми на 80 проценти или повеќе.

„Знаеме дека вакцинацијата е единствениот начин да се намали бројот на инфекции. Ова го знаеме од други земји. Се надеваме дека изолацијата за невакцинираните Австријци ќе биде доволна за да се намали бројот на заразени. Но, експертите не се сигурни. Можеби ни требаат дополнителни мерки за да се постигне целта за намалување на бројот на заразени“, рече тој.

Некои се жалат дека одлуката не е уставна

Но, има и такви кои сметаат дека казната затвор за невакцинираните не е уставна. Карл Велер, виенски бизнисмен, е еден од поддржувачите на вакцините, но не и на затворањето и дискриминацијата.

„Вакцината е неопходна за нашето здравје и за нашата економија, но мислам дека беше катастрофално луѓето да се поделат според тоа дали биле вакцинирани и невакцинирани. Луѓето стануваат се повеќе лути и се исплашени“, рече тој.

Раздор и во власта

По усвојувањето на одлуката за воведување карантин за невакцинираните, дојде до раздор во австриската влада. Најмногу се разговараше за натамошните мерки кои би следеле доколку епидемиолошката состојба не се подобри доволно. Министерот за здравство Волфганг Микштајн изјави дека размислува за воведување ноќен полициски час, на што реагираа министрите од Народната партија (ОВП) за туризам, Елизабет Кестингер и економија Маргарета Шрамбек, а потоа и канцеларот Александар Шаленберг, кој рече дека не прифати ноќен локдаун за вакцинираните лица.

„Заклучувањето за невакцинираните беше далекусежна мерка и сега е важно да се спроведе и контролира. Прво нека функционира оваа мерка“, изјави канцеларот за „ORF“.

Според него, 35 отсто од граѓаните се соочуваат со масовно ограничување на слободата.

„Сакам да ги натерам невакцинираните луѓе да се вакцинираат, а не да ги заклучам вакцинираните“, рече Шаленберг.

Тој рече дека право на министерот за здравство е да презентира мерки, но тоа не е актуелен став на Владата.

Слични содржини