Го гледаат ли политичките актери говорот на омраза како „магично решение“ за освојување повеќе од изборниот колач?

Станува ли говорот на омраза нормална работа во политичките говори? „Партиите се водат според максимата - целта ги оправдува средствата“

од Бисера Трајковска
33 прегледи Фото: ChatGPT

Пораки што поттикнуваат поделби, нетрпеливост или насилство несомнено треба да бидат надвор од политичкото секојдневие, но ваквата реторика можеше да се забележи за време на изборната кампања. Дали политичките актери ќе покажат вистински идеи и почит кон различностите во последната недела од кампањата или ќе останеме сведоци на говорот на омраза?

Комуникологот Бојан Кордалов за „Локално“ вели дека главно поради притисокот да се постигнат подобри резултати или освои повеќе од изборниот колач, и тоа во многу кратко време предвидено за предизборна кампања, говорот на омраза и црната кампања се чинат како „магичното решение“.

Како што посочува, дополнително, овие избори имаат две свои специфики. 

-Првата, притисокот дека резултатите можат да ја променат традиционалната политичка сцена и да отворат прашања дали се потребни предвремени избори дополнително го засилува стравот кај добар дел од политичките актери да играат на картата „сѐ или ништо“ и е причина за дополнително вклучување на говорот на омраза во предизборните наративи, вели Кордалов.

Втората, додава, следните редовни избори се предвидени за неколку години, што уште толку го зголемува стравот дека партиите кои ќе доживеат пораз на овие избори многу долго нема да се во можност да го одиграат својот реванш што понатаму води кон нивен страв од можно предизвикување на структурни, лидерски промени, па до тектонски измени на политичката сцена.

Кордалов е на ставот дека партиите веќе извесно време во изборните кампањи се водат според максимата „целта ги оправдува средствата“. 

-А, целта е победа, и тоа по секоја цена. Дополнително, целта е скоро секогаш и апсолутна победа и највисок можен изборен резултат, односно апсолутен пораз на политичките противници. Ако ова се отслика, согледа реално и се признае дека се случува, тогаш, за жал, станува очигледно од каде говорот на омраза, нетрпеливоста и црната кампања се дел од партиското дневно ораторство, особено засилувајќи се во предизборниот период кога политичките страсти и влогови се реални на највисоко и зовриено ниво, вели Кордалов.

Фото: Кристијан Георгиевски

Како што посочува, трендовите за зголемена црна кампања постојат во секоја сфера и на секое поле во рамките на предизборната кампања.

Кордалов апелира партиите да користат инклузивна комуникација, секако базирана и на критика и предлози, но комуникација која исклучува ширење на омраза врз поединци и групи, дискриминација, омаловажување или стигматизирање. 

-Прво, затоа што граѓаните од сите свои политички лидери очекуваат пример за развој на општеството, но и пример каков општествен наратив секојдневно треба да имаме. А, второ, затоа што еднаш кажаните тешки зборови за политичките конкуренти или други поединци и групи, засекогаш ќе ве следат, додаде Кордалов.

Ова е затоа што, посочува, не може да се отповика еднаш кажаното во политиката.

-Дозволете ми само да направам едно секојдневна и мошне едноставна паралела и пример на кој, за жал, често сведочиме. На колку прослави, домашни собиранки и слични убави поводи, дел од луѓето, под влијание, на политичките лидери, кажале зборови на тема актуелна политичка ситуација или избори кои потоа направиле такви кавги и несогласувања што со децении држат раскарани блиски роднини и пријатели?

Ако со ваков сликовит пример не ја разбереме политичката одговорност и опасноста од деценискиот поларизирачки пристап на партиска и политичка комуникација, јас не знам како би можел поинаку да објаснам што, зошто и како мора итно да се поправи и промени, додаде Кордалов.

Прашан дали се користат свесно и плански изборите за продлабочување на поделбите во општеството, Кордалов одговори дека не може да се генерализира, но трендовите, стравовите и притисокот, свесно или несвесно води кон често и лесно прибегнување кон користењето на политичката дискриминација, омраза и црна кампања против политичките опоненти. И тоа се прави од сите страни, без исклучок.

Кордалов е на ставот дека одговорноста, како и промените секогаш доаѓаат и мора да почнат од врвот. 

-Секако дека во ваков наелектризиран наратив и користење на несодветен говор помеѓу политичките претставници, тоа се пресликува секаде, вклучително и на универзитетите, во училиштата, па дури и во градинките. Ако граѓаните секојдневно слушаат и читаат прес конференции или соопштенија и реакции од политичките партии со несоодветен речник и говор на омраза, каков впечаток и став за користењето на говорот на омраза секој од нас може да стекне или дозволи да примени, вели Кордалов.

Правната советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, Славица Анастасовска, за „Локално“ вели дека во периодот пред локални избори повеќе се оди на националистички говор, кој носи поделби, наместо заедништво.

Ова, како што посочува, резултира со зголемен говор на омраза врз основа на етничка и политичка припадност.

Таа додава дека во секоја изборна кампања регистрираат зголемување на говорот на омраза.

Фото: Хелсиншки комитет за човекови права

-Знаеме дека сме општество со вкоренати предрасуди и затоа многу е потребно за да се зголеми говорот на омраза. Ние за време на секои избори регистрираме зголемен говор на омраза. Ова е тренд кој што се повторува, вели Анастасовска.

Напомена дека се забележува зголемување на говорот на омраза последните два месеци и дека истиот ќе се интензивира во последната недела пред локалните избори.

-Двете најголеми етнички заедници најзабележливо имаат говор на омраза меѓу нив. Исто така, пред два дена имаше случај со навивачи од навивачката група „Балисти“ кои што што скандираа говор на омраза. Ние за овој случај поднесовме пријава до МВР. Извиците за голема Албанија, УЧК и слични пароли доведуваат до зголемување на говор на омраза, додаде Анастасовска.

Таа е на ставот дека за говорот на омраза најмногу е виновно општеството во целина. Како што посочува, станува збор за феномен кој е толку присутен, што веќе сме во фаза на нормализирање на говорот на омраза.

-За да се извлечеме од ова, треба сите институции, не само образованието туку и органите на прогон и политичарите да го решаваат проблемот од повеќе агли, додаде Анастасовска.

Според комуникологот Сеад Џигал, говорот на омраза за жал е честа појава во политичките комуникациски стратегии на партиите кои немаат конкретни решенија за реалните проблеми на граѓаните. 

Тој за „Локално“ посочува дека во отсуство на нови политики, политичките актери ја префрлаат дебатата од социјално-економската сфера кон идентитетски и емоционални теми, кои полесно мобилизираат електорат. 

-Говорот на омраза тука функционира како алатка за одвлекување внимание и консолидирање на “својот табор” преку создавање на “внатрешен или надворешен непријател”, вели Џигaл.

Тој е на ставот дека во последната деценија, јавниот говор кај нас постепено се нормализира и десензитивизира. 

-Она што порано беше скандалозно, денес се смета за “дел од политичката борба”. Политичарите ја тестираат границата на прифатливото, а медиумите и социјалните мрежи ја нормализираат токсичната реторика преку повторување, сензационализам и недостаток на санкции. Со тоа се создава атмосфера во која граѓаните почнуваат да ја доживуваат омразата како нормален начин на комуникација, додава Џигал.

Според комуникологот, како што изборниот ден се приближува, кампањите стануваат поемотивни, а социјалните мрежи функционираат како арена за ширење на манипулативни пораки. 

Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Анонимноста и брзината на онлајн комуникацијата создаваат услови за масовна дистрибуција на лажни вести, дискредитации и многу етнички стереотипи. Политичките штабови често користат “тролови и ботови” за намерно засилување на овие наративи во последните денови на кампањата, вели Џигaл.

Тој вели дека говорот на омраза нема единствен виновник, туку постои системски пропуст. 

-Образованието не развива медиумска и етичка писменост кај младите, па тие растат во култура на вербална агресија. Медиумите често трчаат по кликови, наместо по факти, со што ја репродуцираат омразата, додава Џигaл.

Тој е на ставот дека политиката ја користи омразата како инструмент на мобилизација, а општеството, со својата пасивност, дозволува нормализација на ваквиот говор.

Б.Т.

Слични содржини