ГОДИНА ДЕНА ВОЈНА во УКРАИНА: Што сакаше Путин, а што доби?

од Nikola Popovski
254 прегледи

Помина цела година од почетокот на руската инвазија на Украина. Земјата е уништена, цивилните жртви се бројат во десетици илјади, а можеби никогаш нема да го дознаеме точниот број на настрадани. За многумина, датумот 24 февруари 2022 година ќе остане засекогаш врежан во нивното сеќавање. Во телевизиско обраќање, рускиот претседател Владимир Путин прогласи „специјална воена операција“ во украинскиот регион Донбас , додека Советот за безбедност на Обединетите нации го молеше да не го прави тоа. Сирените за воздушен напад се огласија низ главниот град на Украина, Киев, а претседателот на земјата, Володимир Зеленски, предупреди: „Ако некој се обиде да ни ја одземе територијата, нашата слобода, нашите животи… ќе се браниме“. Една година подоцна, кога не е ниту на повидок крајот, постои ризик луѓето да се навикнат на сликите на воените злосторства и злосторствата што ги гледаат – затоа што се многубројни.

Мирче Адамчевски

Што всушност очекуваше, а што доби Путин со оваа војна? Новинарот и аналитичар на состојбите Мирче Адамчевски во разговор за „Локално“ вели дека рускиот претседател очекуваше дека ќе ја заврши работата за 2-3 недели, но доби една отворена војна на која не ѝ се гледа крајот.

-Војната ќе заврши кога ќе кажат Американците. Тие се главен промотор на ескалацијата од другата страна. Кога ќе решат, тогаш ќе заврши војната. Европа може да зборува колку што сака, меѓутоа нејзиниот глас не се слуша. Важен е, но не е важен колку што е гласот на Американците. Очекувам поголема ескалација бидејќи влоговите во игра се се поголеми. Видовме вчера дека Русија излезе од нуклеарниот договор СТАРТ. До каде ќе оди точно не можам да кажам, но работите не одат на добро, смета Адамчевски.

Тоа што Русија го суспендира учеството во нуклеарниот договор СТАРТ, соговорникот вели дека е поради тоа што бара нов договор.

-Работите околу тој нуклеарен договор не одеа како што треба. Нов товар на тој договор беше барањето на НАТО, Русија да го почитува договорот СТАРТ 3. Русите не им дозволуваа на Американците да ги посетат според договорот, предвидените места во Русија и откако НАТО се вмеша, Москва рече дека работата е завршена. Во НАТО сили со нуклеарно оружје се Франција и Британија. Тоа значи дека ќе треба нов договор во кој ќе бидат вклучени арсеналите на Британија и Франција. Блинкен претпостави дека се работи дека Русија сака нов договор и не е далеку од вистината. Прашање е каков ќе биде тој нов договор. Ако се почне да се разговара меѓу Западот и Истокот за нов договор, што правиме со нуклеарните сили како Кина, Индија, Пакистан, амбициозниот Иран, Израел? Тоа што значи уште еден голем товар во меѓународните односи, порачува Адамчевски.

Според него, Западниот Балкан нема да биде нова мека точка која Русија ќе ја искористи како поле за влијание.

-Регионот е опкружен со НАТО сили и Москва тука не може да влијае речиси никако. И да „пукне“ нешто, тоа ќе биде краткотрајно. Србија се вооружува, но за сама по себе. Не очекувам, можеби ќе има дебати, протести во БиХ, Србија, но не очекувам ниту кај нас. Дел сме од НАТО и не смее воено да се чепне. За политички да се чепне има обиди, како што било и во минатото, потенцира тој.

Исто така Адамчевски смета дека Украина може да добие авиони за користење на фронтот, иако првично американскиот претседател Џо Бајден категорично го отфрли тоа.

-Не сум песимист дека Украина нема да добие борбени авиони. На почетокот Русија викаше дека ќе преземе мерки ако Киев добие тенкови, ама се се реши. Прво беше нелегално оружје, а сега дојде прашање и до авиони. Мислам да не заборавиме дека украинските војници веќе две години се обучуваат во Британија за користење на воени авиони, вели новинарот.

Магистарот по политички науки и аналитичар Ненад Јурдана смета дека Русија не ги оствари зацртаните цели во овие година дена инвазија. Тој во разговор за „Локално“ оценува дека сето тоа е заслуга на украинскиот народ и нивните воени сили.

 

Дел од стратешките цели кои што Русија сакаше да ги оствари преку воената агресија вклучуваа: насилна промена на демократски избраната влада на Украина, окупација на поголем дел од украинската територија и воспоставување на копнен коридор до регионот Транснистрија во Молдавија каде што Русија има воено присуство. Во реалноста, поради жестокиот отпор на вооружените сили и народот на Украина, Русија не успеа да ги оствари горенаведените цели, дециден е Јурдана.

На прашањето дали Западот беше изненаден од отпорот на Киев, соговорникот вели дека во месеците кои и претходеа на руската воена агресија, американската администрација ги алармираше европските партнери, за огромната закана од значителното движење и распоредување на руски воени сили на границата со Украина.

-Сепак, по 24-ти февруари сите беа до некој степен изненадени од решителноста и отпорот на Украина – особено Русија која се надеваше на блицкриг. Еден од поголемите ризици во претстојниот период, а се дел од клучните приоритети на САД, ЕУ и НАТО, е спречување на воените дејствија да се прелеат во некои од соседните земји на Украина – особено Молдавија. Претседателката на Молдавија, Маиа Санду потврди дека постојат повеќе руски сценарија за дестабилизација на земјата со цел извршување на државен удар, спречување на евроинтеграциите на земјата и отворање на потенцијален нов фронт од каде што Украина би можела да биде дополнително загрозена, ни вели тој.

За тоа дали Западниот Балкан може да биде ново поле за руско влијание, Јурдана истакнува дека во поглед на интензитетот и времетраење, голем дел од руските ресурси се фокусирани кон војната против Украина, но сепак заканите кон земјите од регионот постојат.

-Обидите за дестабилизација ќе продолжат преку спроведување на хибридни операции – поткопување на довербата кон државните институции преку дезинформациски кампањи, финансирање на про-руски структури, особено во контекст на спорот помеѓу Србија и Косово, рече аналитичарот.

Рано е да се предвиди дали Украина би можела да добие борбени авиони, посочува Јурдана.

Воената помош што сојузниците ја испраќаат во Украина се одвива постепено и се заснова на барањата од украинска страна и ситуацијата на терен. Во однос на борбените авиони, сѐ уште е рано да се предвиди, иако дискусијата која што претходеше за испорака на тенкови од западно производство може да ни даде одредени сигнали, проценува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини