Годишнина од нападите во САД: За само 102 минути убиени 3.000 луѓе

од Vladimir Zorba
232 прегледи

Денес се навршуваат 19 години од терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година, во кои беа убиени скоро 3.000 луѓе и кои го сменија светот, а борбата против тероризмот, која започна после тоа, сè уште трае.

Нападите беа извршени од припадници на терористичката „Ал Каеда“, а овој трагичен настан го означи почетокот на американската и западната глобална кампања против тероризмот, што резултираше со војни во Авганистан и Ирак, отворање на затворите во заливот Гвантанамо, зајакнување на безбедносните мерки и агенциите на штета на граѓанските слободи, зголемен воен буџет.

Војната против тероризмот се уште трае, но Ал Каеда, чиј водач Осама бин Ладен беше убиен, беше заменет со нејзините ограноци и Исламската држава, која се бори на Блискиот исток, Сирија и Ирак, а нивна во последните неколку години беа и европски метрополи.

Сепак, во последниве години, исламистите во голема мерка беа исфрлени од Ирак и Сирија.

Како изгледаше сето тоа на 11.09.2001 година?

Нападите пред 19 години започнаа со удари на два киднапирани авиони кои ги соборија „кулите близначки“, проследено со судар на третиот авион со зградата на Пентагон во Вашингтон. На крајот, соборен е авион во Пенсилванија.

Акцијата на 19 припадници на Ал Каеда започна со киднапирање на четири патнички авиони кои полетаа од аеродромите во Бостон, Њујорк и Вашингтон.
Киднаперите влегле во кабината на авионот и со ножеви за сечење хартија, кои ги прошверцувале во авионот, ги убиле пилотите и ја презеле контролата над авионите.

Првиот авион на „Американ ерлајнс“ ја погоди северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк во 8.46 часот, а кратко потоа вториот киднапиран авион на компанијата „Јунајтед“ ја погоди јужната кула, додека третиот киднапиран авион се урна во седиштето на Пентагон.

Од „Кулите близначки“ во Њујорк, само 20 лица, кои беа на катовите над местото на ударот, успеаја безбедно да ги напуштат зградите пред да се срушат.

Огромни жртви претрпеа пожарникарите во Њујорк, чии 343 колеги беа убиени при падот на „близначките“, додека се обидуваа да им помогнат на повредените да ги напуштат зградите.

Подоцна, надлежните служби на САД проценија дека „мозокот“ на нападот е Калид Шеик Мохамед, кој беше фатен во март 2003 година во Пакистан, а во февруари 2008 година, обвинет за воени злосторства.

Американските воени командоси извршија рација во еден имот во Пакистан во пролетта 2011 година каде се криеше Осама бин Ладен, обвинет дека е одговорен за терористичките напади врз САД и го ликвидираше, потег за кој тогашниот претседател Барак Обама ја информираше нацијата и целиот свет.

За само два часа на 11 септември, Америка го изгуби чувството за неповредливост. Но, од тој шок, страв и тага, како и секогаш во време на голема трагедија, се роди чувство на заедништво и патриотизам.

Американските знамиња беа поставени во домовите низ целата земја преку ноќ, конгресмените и сенаторите ги надминаа партиските поделби на скалите на Конгресот и заедно пееја „Бог да ја благослови Америка“, а волонтерите низ целата земја не штедеа на сите напори да дојдат и да помогнат таму каде што беше најпотребно.

Слични содржини