Банката „Goldman Sachs“ во средата навечер ги намали своите прогнози за цените на нафтата за вториот квартал од 2026 година, откако САД и Иран постигнаа договор за двонеделно примирје. Новата проценка изнесува околу 90 долари по барел за Брент и 87 долари за американската WTI нафта, додека претходно очекуваа повисоки цени – околу 99 и 91 долар.
Од банката наведуваат дека прогнозата ја намалиле поради намалување на геополитичкиот ризик и постепено обновување на протокот на нафта низ Ормутскиот теснец, пренесува Ројтерс.
Цената на Бремт нафтата оваа недела падна за повеќе од 11 проценти, благодарение на очекувањата дека теснецот би можел повторно да биде отворен по постигнувањето на примирјето меѓу САД и Иран. Сепак, во четвртокот цените повторно пораснаа поради загриженост дека снабдувањето од клучниот регион на Блискиот Исток можеби нема целосно да се обнови, со оглед на неизвесноста околу примирјето и сè уште ограничениот премин низ теснецот.
„Goldman Sachs“ не ги менуваше прогнозите за наредните периоди – за третиот квартал очекува околу 82 долари за Брент и 77 долари за WTI, а за четвртиот квартал околу 80 и 75 долари.
Банката предупредува дека и натаму постои поголем ризик цените да пораснат, особено ако дојде до подолготрајни нарушувања и поголеми загуби во производството. Во најлошото сценарио, доколку примирјето пропадне и производството на Блискиот Исток се намали за околу два милиони барели дневно, цената на Брент нафтата во четвртиот квартал би можела да достигне околу 115 долари по барел, пренесува „Biznis.rs“.
Исто така, ја намалија и прогнозата за цената на гасот во Европа за вториот квартал – од 70 на 50 евра по мегават-час, со претпоставка дека испораките на течен природен гас низ Ормутскиот теснец постепено ќе се нормализираат од средината на април. Сепак, доколку дојде до поголеми доцнења или оштетувања на инфраструктурата, цените би можеле повторно да пораснат над 75 евра по мегават-час