Од 2027 година работниците во Германија ќе плаќаат малку поголем дел од платата за пензиско осигурување отколку досега – 18,8 отсто од бруто заработката наместо сегашните 18,6 отсто, објави германската новинска агенција ДПА.
Барем така предлага Министерството за социјални работи во својот нацрт-закон за пензиското осигурување. Сегашниот закон предвидува зголемување на 18,7 отсто од 2027 година, а сега идејата е тоа покачување да изнесува 18,8 отсто.
Целта на предлагачот е зајакнување на финансиската стабилност на пензискиот фонд преку зголемување на резервата од сегашните 20 отсто од месечните трошоци, на 30 отсто.
Притоа, зголемувањето на дел од трошоците, на пример поголема поддршка за мајките, ќе биде покриено со државниот буџет, без понатамошно оптоварување со придонеси.
Сепак, зголемувањето на резервата може да диктира еднократно зголемување на оптоварувањето на работниците, соопшти министерството.
Зголемување на придонесите од 2027 година одамна се планира, бидејќи многубројната генерација бејби бумери почна да се пензионира, додека во исто време стапката на вработеност на младите работници е ниска.
Владата предвидува зголемување на пензиските трошоци, вклучително и трошоците за здравствено осигурување за пензионерите, од 394,4 милијарди евра оваа година на 476,3 милијарди евра до 2029 година.