Британскиот рок бенд Oasis објави три дополнителни датуми во Велика Британија за нивната турнеја следната година. Бендот денеска објави дека организираат дополнителни концерти поради „невидена побарувачка“, откако се пријавиле за авансна продажба на билети, пренесува Sky News.
Браќата Лиам и Ноел Галагер, често во лоши односи во минатото, претходно најавија дека следната година по 15 години повторно ќе настапат заедно, првпат по драматичната разделба на групата и тепачката во 2009 година.
Најавија неколку концерти за 2025 година, од Кардиф во Велс (4 и 5 јули), преку нивниот роден град Манчестер, лондонски Вембли, шкотски Единбург и ирски Даблин.
Дополнителните „свирки“ значат дека бендот ќе свири пет настапи на „Вембли“, пет во Манчестер и три во Шкотска. Што се однесува до претходно најавените концерти, влезниците за новите ќе бидат пуштени во продажба во сабота наутро.