Голем пожар на Халкидики

од Milan1
40 прегледи

Голем пожар избувна попладнето на Халкидики, во Вурвуру, во областа Лавари, во општина Ситонија, од каде што беше наредена евакуација на кампот. Пожарот зафати шумска површина, горат дрвја, а ветерот го разгорува пожарот, кој во моментов е сè уште надвор од контрола. Градоначалникот на Ситонија, Јоанис Малинис, апелира што поскоро да се испратат авиони и дополнителни противпожарни сили бидејќи целата област е во опасност.

На местото на настанот веќе има 100 пожарникари, десетици волонтери, брза помош, осум авиони и хеликоптери. На населението и туристите им е кажано преку кризниот број 112 веднаш да се евакуираат преку Никити доколку се наоѓаат во областа. Сите околни патишта се затворени, пожарникарите и полицијата го контролираат сообраќајот.

Пожарот во еден момент го преминал патот и стигнал до морето, каде што има сместувачки капацитети за туристи, но бил локализиран на време.

Пожарот сега се преселил од населено место, каде што имало опасност за куќите во првиот ред, кон планинската област. Ветерот ослабе и постои надеж дека противпожарната бригада ќе може да го контролира пожарот до стемнување.

Пожари беа пријавени и денес на Крит, недалеку од Атина, во Маратон, како и на Пелопонез. Многу силни ветрови го отежнуваат гаснењето на пожарот, а се стравува од топлотен бран што се очекува кон крајот на неделата, кога температурите ќе се искачат над 40 степени Целзиусови.

Слични содржини