Германската влада планира да ја легализира продажбата и потрошувачката на канабис, а според плановите презентирани денеска во Берлин, дозволената количина треба да биде до 30 грама.
– Во иднина на возрасните ќе им биде дозволено да купуваат и поседуваат количества до 30 грама канабис, а во ограничен обем ќе биде дозволено и одгледување за лични потреби – изјави министерот за здравство Карл Лојтербах при презентацијата на предлог-законот.
Предлог-законот предвидува продажба на канабис „за задоволство“ во специјализирани овластени продавници, а подоцна и во аптеки. Продажбата ќе биде дозволена само за возрасни.
Според министерот, целта на законската иницијатива на федералната влада е да се потисне нелегалниот пазар.
– Се зголемува бројот на корисници и количината на ТХЦ во нелегалниот канабис. Владата сака да го потисне црниот пазар и да ја декриминализира сцената со канабис, што би можело да доведе до подобра заштита на младите и децата – рече Лојтербах, пренесува Јутарњи лист.
Тој додаде дека предлог-законот најпрвин бил испратен до Европската комисија, која треба да провери дали овој закон е во спротивност со правниот систем на ЕУ.
Ако се покаже дека со донесувањето на законот, Германија може да ризикува тужба пред Судот на правдата на ЕУ, законот ќе биде ослабен.
Досега, само тешко болните пациенти имаа легален пристап до канабис во Германија.
– Воведуваме контролирано пуштање канабис за возрасни со цел уживање во лиценцирани продавници – стои во коалицискиот договор на новата германска влада, која ја сочинуваат социјалдемократите, зелените и либералите.
Идејата е да се направи марихуана со висок квалитет, да се заштитат потрошувачите и да се потисне црниот пазар.
Поддржувачите на легализацијата велат дека чистата марихуана, со точно дефиниран дел од THC, значително би ги намалила ризиците по здравјето. Велат и дека младите би можеле поотворено да зборуваат за канабисот на училиште и дома.