Актерката и новинарка Аида Кожар почина на 54-годишна возраст, а од неа се простија на официјалната Фејсбук страница на Народниот театар од Приштина.
– Со жалење ве известуваме дека денеска почина актерката на нашиот ансамбл Аида Кожар. Изразуваме сочувство до семејството и пријателите – стои во соопштението.

Аида Кожар е родена во Нови Пазар, образована на Академијата за драмски уметности и на Филолошкиот факултет во Приштина. Постдипломски студии по новинарство и човекови права завршила во Сараево. Живеела и работела во Келн.
Таа беше долгогодишен новинар на радиото WDR Cosmo, креатор чија креативност подеднакво припаѓаше на сцената и воздухот, фото-колажот и звукот. Нејзиниот живот беше постојана потрага по идентитет, изразена во реченицата: „Јас сум мојата татковина, затоа што сум патник“.
Погребот на Аида Кожар ќе се изврши во сабота на 5 април на Големите гробишта во Нови Пазар, јавуваат локалните медиуми.