Големи промени на границите на ЕУ за 10 дена

Европската Унија најави и воведување на мобилна апликација „Travel to Europe“, која треба да им го олесни влезот во Шенген-зоната на патниците од земји надвор од ЕУ преку претходна регистрација

од Кристијан Димков
20 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/EU Home Affairs

Од 10 април започнува целосната примена на системот EES (Entry/Exit System) на границите на Европската Унија, со што целосно се воведува нов, дигитализиран режим на контрола на влез и излез на државјани на трети земји.

EES ќе го замени печатирањето на пасошите со дигитално евидентирање на влезовите и излезите на државјаните на земји кои не се членки на ЕУ, а патуваат за краткорочен престој.

Новиот систем (EES) започна со работа на 12 октомври 2025 година, со постепено воведување во 29 европски земји. Од 10 април 2026 година, системот ќе биде целосно оперативен. Во првите денови од целосната примена се очекуваат гужви и подолги задржувања на граничните премини.

Од почетокот на примената на системот, евидентирани се повеќе од 45 милиони преминувања на границите при влез или излез на патници од европските земји што го користат системот. Повеќе од 24.000 лица биле одбиени на граница поради различни причини, како неадекватно образложение на патувањето, истечени или фалсификувани документи.

Системот, исто така, помогнал во идентификација на повеќе од 600 лица кои претставувале безбедносен ризик за Европа – ним им бил одбиен влез и се евидентирани во системот.

Благодарение на биометриските податоци што ги собира EES, измамите со идентитет сега полесно се откриваат. На секој граничен премин, отпечатоците од прсти и фотографиите на лицето на патниците се проверуваат во однос на податоците зачувани во системот.

EES е автоматизиран систем на Европската Унија наменет за регистрација на влез и излез на патници од земји кои не се членки на ЕУ, а патуваат на краткорочен престој.

При преминување на граница, патниците ќе мора да остават основни биометриски податоци, вклучувајќи отпечатоци од прсти и фотографија на лицето, додека при секое следно влегување тие податоци ќе се користат за побрза идентификација.

Системот автоматски ја пресметува должината на дозволениот престој, со што се намалува можноста за пречекорување на дозволените 90 дена во период од 180 дена.

Како што наведуваат од ЕУ, целта на воведувањето на EES е:

– зајакнување на безбедноста
– поефикасна контрола на миграцијата
– намалување на злоупотребите на постојниот систем

EES системот е оперативен и на аеродромите, каде што најчесто се инсталирани уреди/киосци на кои патниците самостојно можат да ја завршат постапката.

Европската Унија најави и воведување на мобилна апликација „Travel to Europe“, која треба да им го олесни влезот во Шенген-зоната на патниците од земји надвор од ЕУ преку претходна регистрација.

Засега функционира во Шведска и Португалија, а останатите земји членки допрва ќе ја воведат. Апликацијата им овозможува на корисниците однапред да ги регистрираат податоците од пасошот и фотографија од лицето пред пристигнување на граничен премин каде што се користи EES. Преку апликацијата, патниците можат однапред да пополнат и прашалник за условите за влез.

Државјаните на земји надвор од ЕУ можат да се регистрираат преку апликацијата во рок од 72 часа пред влез во ЕУ или излез од европска земја што ја поддржува апликацијата.

Апликацијата нема да ги замени граничните контроли, но го прави преминувањето на границата поедноставно, побрзо и поефикасно. Патниците и понатаму ќе мора да поминат проверка, но се очекува постапката да биде побрза бидејќи податоците веќе се внесени во системот.

Европската комисија најави и одредена флексибилност во примената на EES системот, која би можела да спречи големи гужви во текот на летната сезона.

Оваа одлука е донесена поради зголемената загриженост дека во летниот период би можело да дојде до сериозен сообраќаен хаос, особено по целосната имплементација на EES од 10 април.

„Воведувањето на ваков голем систем е сложена и комплицирана задача. Затоа се одлучивме за постепено воведување со вградена флексибилност. Тоа значи дека земјите членки имаат потребни алатки да ги решат евентуалните проблеми благодарение на ова постепено воведување“, објасни портпаролот на Европската комисија Маркус Ламерт.

Тој додаде: „Знаеме дека постепеното воведување трае до април, но бидејќи ги слушаме загриженостите во врска со претстојната летна сезона, постои и вградена флексибилност за летниот период, така што земјите членки, доколку е потребно, секогаш можат да го продолжат овој период на постепено воведување до септември.“

Флексибилноста им овозможува на поединечните земји самостојно да одлучат со кое темпо ќе го зголемуваат процентот на регистрација.

По целосната примена на EES системот, следува ETIAS, кој подразбира издавање електронска дозвола за патување наменета за државјани на земји за кои не е потребна виза за влез во Шенген-зоната.

ETIAS претставува задолжителна претходна авторизација за патување, која ќе биде поврзана со пасошот на патникот и ќе важи до три години, односно до истекот на пасошот – во зависност од тоа што ќе настапи порано. Во случај на издавање нов пасош, ќе биде потребно да се поднесе и ново ETIAS барање.

Барањето за ETIAS ќе се поднесува онлајн, а цената на дозволата ќе изнесува 20 евра, со исклучоци за одредени категории патници кои се ослободени од плаќање.