Големи протести: Претседателката на Грузија одбива да ја отстапи власта

од Vladimir Zorba
37 прегледи

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили во саботата изјави дека нема да ја отстапи власта по завршувањето на нејзиниот мандат во декември, додавајќи дека има намера „да ги води политичките процеси“ во земјата.

Во обраќањето до нацијата, емитувано од ТВ каналот Пирвели, таа оваа одлука ја образложи со тоа што, како што рече, „Грузија во моментов нема легитимен парламент што би можел да избере нејзин наследник“.

„Мојот мандат ќе важи додека парламентот не биде законски избран, за да може легално да избере некого на мое место. Ќе бидам со вас“, и порача Зурабишвили на нацијата.

Таа додаде дека денеска ќе оствари средба со претставници на јавноста и на политичките партии.

„Заедно ќе го менаџираме политичкиот процес што вие го водите однадвор, на улица и во различни сфери на општеството. Ќе ја завршиме работата заедно, замислете ја иднината што наскоро ќе ја реализираме благодарение на новите избори“, рече грузискиот претседател кој ги поддржа протестите против изборните резултати.

Нејзиниот мандат истекува во декември годинава, а нејзиниот наследник за првпат ќе биде избран од Изборен колеџ составен од 300 лица, од кои половината се пратеници и претставници на локалната самоуправа.

Владејачката партија „Грузиски сон“ го именуваше поранешниот фудбалер, Михаил Кавелашвили за свој претседателски кандидат.

Опозицијата не ги признава изборните резултати кои ги доби „Грузиски сон“ и ја бојкотира работата на парламентот во новото свикување.

Опозициските партии тврдат дека гласањето било наместено под влијание на Русија, која сака да ја задржи Грузија во својата орбита.

Илјадници демонстранти кои протестираа против одлуката на грузиската влада да ги прекине преговорите за влез во Европската унија се собраа синоќа, трета ноќ по ред, пред парламентот во главниот град Тбилиси.

Слични содржини