Голоб тесно го победи Јанша со само еден мандат повеќе: Откри за што нема да преговара

Движењето Слобода (ГС) на актуелниот премиер Роберт Голоб е тесен победник на словенечките парламентарни избори со еден освоен мандат повеќе од опозициската Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, покажуваат резултатите по пребројани 99 проценти од гласовите

од Кристијан Димков
12 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Роберт Голоб

ГС освои 28,55 проценти од гласовите и 29 пратенички мандати, а веднаш зад него е СДС со 28,17 проценти и 28 мандати. Словенечкиот парламент има 90 места, од кои две се резервирани за припадниците на унгарското и италијанското малцинство.

На третото место е демохристијанската коалиција на Нова Словенија (НСи), Словенечката народна партија (СЛС) и Фокус со девет мандати. Социјалдемократите освоија шест, исто колку и Демократите на Анже Логар. Крајно десничарската антиваксерска Ресни.ца ќе има пет мандати во парламентот, колку што ќе има и левата коалиција на Левица и Весна.

Постојната коалициска влада се состои од ГС, социјалдемократите и Левица, но според овие резултати тие повеќе немаат мнозинство во парламентот и за составување нова влада ќе им биде потребна поширока коалиција.

ГС, кој на претходните избори освои 41 мандат, и покрај тоа прогласи победа и најави подобра иднина.

„Ќе направиме сè иднината да биде подобра за сите граѓани“, најави премиерот Роберт Голоб, кого го очекуваат тешки преговори за формирање нова влада. Тој нагласи дека постои само една работа за која ГС во иднина нема да преговара, а тоа е суверенитетот на Словенија. „Нема да дозволиме странци да владеат“, истакна тој.

Потпретседателот на ГС и министер за финансии Клемен Боштјанчиќ изрази жалење што Словенија е толку поларизирана. „Би сакал како држава да стануваме позрели, но очигледно тоа не е случај“, забележа тој. Причината за тоа ја гледа првенствено во политиката на претседателот на СДС, Јанез Јанша, која се темели на поделби.

Опозицискиот лидер Јанша тврди дека вака поделениот парламент очигледно ќе резултира со нестабилна влада. Тој изјави и дека нема да се обиде да ја состави. „Тоа веќе сме го поминале и знаеме каква цена плативме, а знаеме и каква цена плати Словенија за тоа.“

„Среќно на оние што ќе бараат политичка стабилност во коалиција со три или четири партии кои имаат по четири или пет пратеници и ќе гледаат само како следниот пат да не испаднат од парламентот. Ова ќе биде натпревар во популизам“, изјави тој.

Според него, нови избори треба да се одржат што е можно поскоро, бидејќи на земјата ѝ е потребна стабилна влада. „Веројатно во последните денови сте чекале на некоја бензинска пумпа, знаете што се случува и што ќе се случи“, додаде тој.

Слични содржини