Google потврди дека нејзината годишна I/O програмерска конференција ќе се одржи на 20 и 21 мај 2025 година, во амфитеатарот Shoreline во Mountain View. Се очекува дека тогаш официјално ќе биде претставена новата верзија на софтверот Android 16 за телефони, како што беше случајот со претходните верзии на оперативниот систем.
Што носи Android 16?
Веќе знаеме за некои од новите функции благодарение на верзијата Android 16 Beta 2. Една од најинтересните карактеристики е хибридниот режим на автоматска експозиција за камерата, кој овозможува комбинација на рачни и автоматски поставки за експозиција.
Дополнително, доаѓаат прецизни прилагодувања на температурата на бојата и нијансите на фотографиите, што ќе даде поголема контрола врз балансот на белата боја на фотографиите. За љубителите на мобилната фотографија, ова е значаен напредок.
Друга нова функција е „подвижни фотографии“, кои комбинираат статични слики со кратки видеа и звук. Програмерите ќе можат да користат нови опции за да конфигурираат каде ќе се складира оваа содржина.
Како што се приближува конференцијата, најверојатно ќе дознаеме уште повеќе детали за Android 16 и неговите нови можности, пишува Gizmochina.