Според информации на сајтот „The Information“, Google размислува за создавање на нова услуга, која ќе овозможи стриминг на игри на компатибилни Chromecast уреди или дури кон идна конзола на Google. Проектот е со кодно име Yeti и е споредлив како можности со услугата на Sony PlayStation Now и GeForce Now на NVIDIA.
Ова во пракса значи дека корисниците нема да го преземаат софтверот на нивните уреди, а играта ќе се стримува од серверот на Google. Засега не е јасно каква точно апликација бараат за овој проект од компанијата. Една опција е да се доставуваат игри за Android на телевизори, но сосема е можно стримингот да биде кон самостојна конзола.
Yeti од далеку не е првиот гејмерски проект на Google, но барем за сега компанијата така и не успева да се наметне на овој пазар, кој е целосно доминиран од Sony, Microsoft и Nintendo. Се разбира, ова не беше сериозен приоритет на Google, но со Yeti, работите може да се променат.
Само пред еден месец Google го ангажираа Фил Харисон, кој долги години вршеше раководни позиции во PlayStation и Xbox единиците на Sony и Microsoft. Тој дефинитивно го има потребното искуство за да ги покрене работите во вистинската насока, но засега не е јасно колку ќе треба да чекаме за да видиме готов производ – најверојатно тоа нема да се случи оваа година.