Михаил Горбачов, последниот советски лидер, беше шокиран и збунет од војната во Украина неколку месеци пред да почине, а во последните години психолошки уништен од влошените врски на Москва со Киев, изјави денеска неговиот преведувач.
Павел Палашченко, кој работеше со покојниот советски претседател 37 години и беше со него на бројни американско-советски самити, разговараше со Горбачов по телефон пред неколку недели, истакнувајќи дека тој и другите биле изненадени од тоа колку Горбачов бил трауматизиран од настаните во Украина.
„Не само (специјалната воена) операција што започна на 24 февруари, туку и целата еволуција на односите меѓу Русија и Украина во изминатите години беше навистина, навистина голем удар за него. Тоа навистина го скрши емоционално и психички“, рече Палашченко во интервју за Ројтерс.
„Во разговорите со него ни беше многу јасно дека е шокиран и збунет од она што се случува (по влегувањето на руските војници во Украина во февруари) од различни причини. Тој веруваше не само во блискоста на рускиот и украинскиот народ, туку и дека двата народа се испреплетени“, додаде преведувачот.