Русија го проширува нуклеарниот арсенал, а САД сакаат да распоредат тешко оружје во Источна Европа. Но не Украина е причината за оваа нова конфронтација меѓу Западот и Русија, тврди Инго Мантојфел во својот коментар.
Владимир Путин најави проширување на рускиот нуклеарен арсенал со нови 40 интерконтинентални ракети. И ја оправда оваа мерка со намерата на САД да распоредат тешко вооружување во неколку источноевропски земји-членки на НАТО. Чудно оправдување, со оглед дека зајакнување на одбранбените способности на источната граница на НАТО се случува токму заради агресивната политика на Русија во Украина.
Западот и Русија повторно се главни актери во еден филм, кој веќе сме го гледале: бидејќи немаат доверба, двете страни во овој конфликт почнуваат демонстративно да ја засилуваат воената моќ. Резултатот: класична маскара на вооружувањето.
Како дојде дотука
Овој развој воопшто не треба да не изненадува – конфронтативната реторика на Москва е едноставно “новата нормалност”. И многу грешат оние кои сметаат дека влошувањето на односите меѓу Русија и Западот се должи на конфликтот во и околу Украина. Причината за оваа нова конфронтација е на сосема друго место – во самата Русија. Кога во 2012 година Путин се искачи по трет пат на претседателската функција, руската средна класа реагираше со големи протести. Како резултат од тоа Путин западна во тешка легитимациска криза, на која Кремљ одговори со уште јасно изразено свртување кон националните и православните вредности. А со антизападната реторика која околу конфликтот во Украина стекна заканувачки размери, Путин успеа да ја надмине загубата на доверба од 2012 година – и iTunes рејтинг на рекордни 80 проценти поддршка.
Овој нов пат на развој одеше рака под рака со новата економска стратегија за земјата: во услови на глобална финансиска криза и паѓање на цените на горивата Кремљ одлучи (многу пред конфликтот во Украина) да се стави крај на предложеното од Запад партнерство за модернизација. Наместо тоа Москва се обложи на реиндустриализирањето на руската економија по стар советски модел: заживување на економијата (во секторот на производството) преку развој на истражувачките институти кон рускиот воено-индустриски комплекс.
Вооружување – одамна планиран потег
Уште во февруари 2012 година, кога уште беше премиер и кандидат за претседателската функција, Владимир Путин најави големи инвестиции во руската одбранбена индустрија во вредност од 23 трилиони рубљи. Над три години поминаа и од денот, во кој тој најави дека уште десет руски воени единици ќе бидат опремени со ракети “Топол-М” и “Јарс”, кои можат да носат нуклеарни боеви глави. Сега Путин го повторува истото. Само што ја извртува причината и последицата, поставувајќи ги плановите во контекст на НАТО концептот за Источна Европа.
Горчливата вистина гласи дека причината за оваа нова конфронтација меѓу Западот и Русија не е конфликтот во Украина, туку политичкиот курс на Путин, кој со години не турка кон нова Студена војна. Колку и Западот да не сака да го осознае: ова е “новата нормалност”.
