Ѓорѓевски: Црковниот достоинственик треба да биде духовен лидер, а не да искажува партиска определеност

од Берта Китинска
426 прегледи

Владиката Агатангел вчера направи еден сериозен истап со кој се наруши уставниот принцип на секуларноста во државата. Ова посебно го мислам во однос на неговите зборови со кои тој најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ја квалификува како „најголема и најсвета партија“, со именување на партискиот лидер Христијан Мицкоски како „наш претседател“, вели во разговор за „Локално“, новинарот и верски аналитичар Бранко Ѓорѓевски.

Тој вели дека вчерашниот празничен ден поминал недостоинствено кога станува збор за односите меѓу Црквата и државата, а за тоа најзаслужни се министерот за локална самоуправа Горан Милевски и владиката.

Според Ѓорѓевски вчерашниот настап на Агатангел претставува отворено и директно мешање во политиката како и фаворизирање на една политичка партија, правење на поделба меѓу граѓаните врз основа на партиска определба, објаснувајќи дека вакви изјави не му доликуваат на еден црковен достоинственик кој пред се треба да биде духовен лидер во чијашто душа и срце треба да има место за сите граѓани и субјекти во општеството.

-Кога Вие ќе кажете дека ВМРО-ДПМНЕ е „најстара и најсвета партија“, дека нејзиниот лидер е „наш претседател“… Вие праќате директна и недвосмислена порака која политичка опција и припаѓате и која ја поддржувате како верски достоинственик. Владиката Агатангел не се потрудил макар да ги спомне и другите опозициски партии, на пример, Левица кои имаат слични ставови како ВМРО-ДПМНЕ во однос на повеќе важни прашања. Со тоа Вие вршите директна сугестија до граѓаните за кого да гласаат, кого да го поддржуваат и против кого да бидат. Тоа е неприфатливо бидејќи еден верски достоинственик треба да им се обраќа со своите верници со поинакви пораки. Меѓу тие верници се луѓе со различни политички и партиски определби. Како тие што се „различни“ сега ќе го чувствуваат. Како „свој“ или како „вмровски“ владика? Дали тој сега ќе почне во цркви да им дозволува влез само на версници од „најстара и најсвета партија“? Како ќе се докажува припадноста? Со партиски книшки ли ќе се влегува во црквите за да се помолиме? Мене, инаки, не ми се спорни толку неговите заложби со кои тој посакува дека „еден ден ќе го вратиме она што е наше, свето македонско, национално“, објаснува аналитичарот.

Ѓорѓевски вели дека не гледа проблем во тоа што верските достоинственици ги кажуваат своите ставови за најважни прашања во државата како што се проблемите кои ги имавме со Грција, со Бугарија и кои се решаваа како што вели „по скапа цена за нас“ бидејќи се општи.

-Во земјава има добар дел од граѓаните на кои тешко им пада промената на името на државата, наше откажување од делот од историјата, другите отстапки и сето она уценување кое што сега ни се случува од страна на Бугарија. На тие луѓе не можете да им забраните да ги искажуваат своите желби и надежи. Се разбира, доколку се тие во демократски граници. Тука би сакал да потсетам и на нешто друго. Во 2017 година Светиот Синод на МПЦ отворено и со официјално соопштение го поддржа Договорот за добрососедство со Бугарија којшто го потпиша нашата земја. Во соопштенето беше укажано дека тој е добар модел за решавање на проблемите. Тоа помина без големи реакции и тврдења дека Црквата прави упад во секуларноста и се меша во државни работи? Зарем тогаш Синодот се стави на страна на владеачката коалиција, на тогашниот премиер Заев или си го кажуваше свој став за важно државно прашање?, прашува тој.

Во однос на тоа дали МПЦ треба да интервенира на ваквите повици, Ѓорѓевски вели дека овој настап бил еден од најдрастичните примери за искажување на партиски определби на еден висок црковен достоинственик и преку ова не би требало да се премолчи.

-Синодот би требало да се произнесе. За тоа постојат можности и тоа треба да го иницира архиепископот. Мислам дека на располагање како мерка имаат опомена или сличен вид на санкција. Ова, сепак, не е од потежок вид за некакво расчинување или слично.На верските достоинственици, знаеме, не им е страно мешање во политика. Тие на свој начин праќаат симпатии кон партиите и политичарите со што самите се дискредитираат во очите на јавноста. Се појавуваат на партиски конгреси, на партиски собири, веќе знаеме кој владика со кој лидер на партија се дружи и има добра комуникација, знаеме и кој какви симпатии има кон партиите… Тоа не е добро за МПЦ-ОА како институција која е наша заедничка, на сите граѓани, која треба да не обединува во овие тешки моменти, како што тоа го правеше и во минатото, смета верскиот аналитичар.

На прашањето дали Агатангел со своето однесување „ја извалка мантијата“, како што кажа Милевски, носи уште поголеми поделби кај граѓаните, Ѓорѓевски смета дека ваквата пракса на владиката мора да престане доколку тој навистина сака да биде духовник.

-Голема дамка е направена. Мислам дека ваква пракса на владиката Агатангел мора да престане доколку тој навистина сака да биде духовник кој ќе биде прифатлив за сите граѓани и кој ќе се грижи за сите граѓани кои се од различна политичка провиниенција. Тој треба да сфати дека на ваков начин прави уште подлабоки поделби во наше, ионака длабоко, поделено општество.Своите зборови треба да бираат и политичарите. Оној вокабулар кој вчера го кажуваше министерот Милевски како граѓанин, не би сакал да го слушам од устата на еден претставник на граѓаните кои имаат свои верски определби, објаснува тој.

Редакцијата на „Локално“ денеска се обрати до МПЦ-ОА од каде, митрополитот Тимотеј кусо кажа дека тој не му е потпрол на Агатангел .

Вчера владиката во придружба на градоначалникот Митко Јанчев, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и други свештени и цивилни лица, во Кавадрци за СВ.Трифун прво побара „ова свето место“ да се исчисти од муви и оси за да даде добар род, а потоа повика Божја помош и за партискиот лидер кој го придружуваше во закројувањето на лозјето.За Агатангел, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најсветата партија во државата и тој верува дека Господ и Богородица ќе му помогнат на Христијан Мицкоски да го врати сето македонско и национално.

Б.М.

Слични содржини