Добро познато е дека веќе подолг период, од страна на Бугарија се упатени бројни критики насочени кон Комисијата за историски и образони прашања, па оттаму претседателот од македонска страна во мешовитиот тим, Драѓи Ѓоргиев, во интервју за Дојче веле, потенцираше на што се должат дел од критиките, особено нагласени по средбата на историрачите од двете земји.
Имено, тој одговори на прашањето врзани за ставовите и сознанијата на Николовски од ВМРО ДПМНЕ, кој посочи дека некои луѓе ќе бидат заменети од историската комисија, со цел да му бидат подостапни на премиерот Заев. На ова, Ѓоргиев вели дека нема такви информации и не претпоставува што во иднина ќе се случува.
„За жал веќе подолго време обвинувањата се дел од секоја изјава на нашите бугарски колеги и тоа веќе прераснува во една практика која континуирано ја нарушува меѓусебната доверба. Доколку не се постигне прогрес во работата вината целосно се префрла на македонската страна, што само покажува еден исклучив пристап со однапред определена цел: наметнување на еден наратив врз друг. Притоа отсуствува пристап во согласност со позитивните европски искуства, кој ќе овозможи рамноправна дискусија со обид да се разбере соговорникот од другата страна. За жал синтагмата „заедничка историја“, која не е дефинирана во самиот Договор, се претвори во една главните пречки во работата на Комисијата, пред сѐ, поради едностраното толкување, дека всушност таа означува историја на еден народ, односно на бугарскиот, започнувајќи од IX век па сѐ до 1944 година. Се разбира, таквото толкување е неодржливо и неприфатливо, и затоа е потребна отворена дискусија со цел да се разјасни нејзиното толкување и значење. Нејзиното разбирање и толкување не може да биде надвор од рамките на современите пристапи за проучувањето на минатото“, вели Ѓоргиев во однос на тоа што Ангел Димитров тврди дека македонската страна не го прифаќа билатераниот договор, во делот кој ја опфаќа работата на комисијата.
За терминот „заедничка историја“, Ѓоргиев вели дека нема проблем, со оглед на тоа дека не се само Македонија и Бугарија земји кои го употребуваат истиот. Како примери ги наведе поранешна СФРЈ, како и актуелната Европска унија.
„Без оглед на сите несогласувања, прекинувањето на разговорите само уште повеќе ќе ги зголеми длабоките недоразбирања. Поради тоа сметам дека разговорите треба да продолжат. Всушност, дебатите кои се отворија во двете општества за теми, за кои до пред неколку години воопшто не се зборуваше, и во кои се вклучија и други експерти и интелектуалци, се еден од позитивните резултати од работата на Комисијата. Без оглед што понекогаш тие се исполнети со силни емоции и страсти, мислам дека тоа е добро за двете општества“, посочува Ѓоргиев по однос на тоа дали ќе може и натаму да се работи ако се повторуваат постојано истите причини кои предизвикаа несогласувања.