Ѓорѓиевски: Да се поттикне домашното поризводство на храна до ниво самостојно да се прехраниме

од Vladimir Zorba
533 прегледи

Сетот мерки што ги донесе Владата а кои се однесуваат на намалување на ДДВ-то за основните прехрамбени производи и акцизата, ќе ги намалат малопродажните цени, но неизвесноста од војната во Украина не значи дека треба да се прават домашни резерви. Претседателот на агро бизнис комората при ССК, Горан Ѓорѓиевски во интервју за „Локално“ ја потенцира потребата од добар кризен менаџмент кој во континуитет ќе ги информира граѓаните.

„Треба да се има во предвид дека во услови на криза паничното однесување некогаш може да направи поголема штета од самата криза и сериозно да ги наруши економските текови. Граѓаните колку и да се трудат не можат да направат доволно големи залихи доколку кризата се продлабочи и добие подлабока димензија, објаснува Ѓорѓиевски.

По тврдењата дека имаме доволни количини пченица и пченка, од Комората укажуваат дека доколку количините се јавно познати ќе можат да се дадат и препораки како тие да се искористат.

„Стоковите резерви треба да се дадат на бизнисите по соодветно ниска цена за да се искористат во производството и излезната цена на производот да биде соодветно пониска и подостапна за потрошувачите“, вели Ѓорѓиевски.

Според Kомората најважно е да се носат брзи и квалитетни решенија со кои ќе се поттикне домашното производтсво на храна до ниво кога ќе можеме самостојно да се прехраниме.

Владата го ограничи извозот на одделни стоки меѓу кои на сончогледовото масло, брашното, пченицата. Како според вас ваквата одлука ќе се одрази на домашното производство и пазар? Дали со оваа мерка навистина ќе се заштити пазарот и граѓаните?

-Многу земји донесоа одлука за ограничување на извозот на одделни стоки и таа  има делумно позитивен ефект во однос на задоволување на потребите на домашниот пазар. Но ограничувачките фактори кои се поврзани со обезбедување на доволни количина на прехранбени производи кои се потребни на граѓаните се прилично комплексни и за да има ефект потребен е сет на мерки, особено поради тоа што ние сме увозно зависни за голем дел од овие производите.

Министерот Бектеши излезе со гаранциија дека имаме доволни количества пченица и пченка за целосно покривање на домашните потреби.Претходно Агрокомората побара интервенција со стоковните резерви, па оттука и прашањето дали на овој начин ќе се ублажи ситуцијата?

-Стоковите резерви постојат токму за надминување на ваков вид на проблеми и кризни ситуации. Мислам дека доколку се јавно познати нивните количини и ако се навистина доволни како што тврдат надлежните, ќе може да се дадат препораки како најдобро да се искористи. Стоковите резерви треба да се дадат на бизнисите по соодветно ниска цена за да се искористат во производството и излезната цена на производот да биде соодветно пониска и подостапна за потрошувачите.

Ако тргнеме од тоа дека  најголемиот процент од нашиот увоз на пченица доаѓа од Србија се отвора дилемата колку долго можеме да издржиме со постоечките резерви и со количините со коишто располагаат приватните мелници и производители?

-Имаме одлични предуслови за развој земјоделството, затоа и нашите заложби се жито да се обезбедува од сопствени извори. Македонија годишно има потреба од околу 300.000 тони пченица, а од нив голем дел самите ги произведуваме. Според некои информации имаме одредени резерви пченица што со години наназад се движат на едно исто ниво. Резервите секоја година се обновуваат, од јули почнува жетвата и ќе имаме ново сопствено производство, а тука е и најавениот договор за увоз на пченица од Србија.

Само неколку дена претходно, беа ограничени и маржите за трговците. Лебот, брашното и маслото се продаваат по набавна цена а Владата уверува дека ниту еден од трговците нема да трпи загуби. Каков е впечатокот од теренот, како ваквата одлука се одразува на трговците и на вкупната економија?

-Ситуацијата во која се наоѓаме е еден вид на економски земјотрес кој не знаеме како ќе се одвива понатаму бидејќи има многу неизвесности. Од друга страна воениот конфликт следува по две годишна економска криза која се случи како последица на пандемијата. Притисокот врз стопанството и граѓаните е огромен и потребно е мерките за намалување на негативните последици да бидат така креирани и димензионирани товарот да биде што е можно по рамномерно распределен.

Надлежните институции најавија анализи за тоа од каде може да се направи увоз и изнаоѓање нови решенија. Каде и каков според вас треба да биде излезот во сегашната ситуација?

-Важно е да се преземат мерки веднаш, да се искаже проактивност, да се носат брзи, квалитетни и ефикасни решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваме. Ова е момент кога треба да се поттикне домашното производство на храна до ниво кога можеме да кажеме дека се наоѓаме во состојба самостојно да се прехраниме, но до тогаш мора да бараме алтернативни решенија за увоз. Недостигот со кој се соочуваме е глобален, магични решенија не постојат.

Од 17.03 до 15.05 важи мерката според која не се плаќа ДДВ за основните прехрамбени производи но поради својната во Украина остануваат стравувањата од нови цени. Производителите на леб и печива  веќе подолг период предупредуваат дека со сегашните цени на брашното и на енергенсите едвај опстојуваат.Какви се вашите размилсувања?

-Извесно е дека глобално цените на храната ќе останат високи и во следниот период, на тоа предупредува и Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации, имајќи во предвид дека Украина и Русија имаат значајно учество во вкупното количество на најважните житни култури. Како ќе се одвиваат воениот конфликт и дали Русија ќе дозволи извоз, односно дали земјоделците во Украина ќе можат да ги соберат житните култури и да ги достават на пазарот поради масовното раселување на населението, што го намали бројот на работници, засега е неизвесно. Како ќе се движат цените на основните прехранбени производи во најголема дел зависи од тоа како ќе се движат цените на инпутите за нивно производство, што во последниов период имаат изразен нагорен тренд. Цената на енергенсите, особено на гасот, може да биде сериозен предизвик бидејќи не постојат алтернативи за негово обезбедување.

Веднаш по вашето назначување на оваа позиција побаравте субвенции од страна на државата.Каква е соработката со надлежните институции и во која насока во сегашнава ситуација треба да се делува?

-За справување со предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, а се со цел да се обезбеди поширок општествен напредок, потребен е континуитет, долгорочни планови и стратегии, комуникација и отвореност на институциите во насока на заедничко креирање на идни политики за развој. За да се осмели бизнис секторот да инвестира, потребна е стабилност и доверба во судскиот систем и владеење на правото подеднакво за сите. Во 2018 година ја зацврстивме директната соработка со Владата со потпишување на Договорот со кој преку Платформата за јавно-приватен дијалог воспоставивме формален механизам за рамноправно учество на приватниот сектор и Владата во јавно приватно партнерство и дијалог.

Овој договор и во време на криза претставува форма преку која ќе комуницира со институциите, а Сојузот во континуитет нуди конструктивни предлози и решенија за надминување на состојбите. Кога сметаме дека решенијата што ги носи Владата се добри, ги поздравуваме, но кога не се согласуваме, ги критикуваме. Партнерски мора да продолжиме со создавање на нови можности за компаниите кои се вистински двигател на економијата во земјата и засилено да градиме економски просперитетно општество.

Дали ситуацијата дополнително ја отежнува се поголемото трупање резерви од страна на граѓаните? Какви ефекти очекувате од мерките за намалено ДДВ и акцизата? Кој ќе заштеди а кој ќе заработи?

-Законските решенија од сетот мерки што Владата ги донесе, а се однесуваат на намалување на ДДВ и на акциза кај основните прехранбени производи и горивата очекуваме за граѓаните да донесат намалување на малопродажните цени и на домашната потрошувачка кошница. Треба да се има во предвид дека во услови на криза паничното однесување некогаш може да направи поголема штета од самата криза и сериозно да ги наруши економските текови. Затоа е важно да имаме добар кризен менаџмент кој навреме, на соодветен начин и во континуитет ќе ги информира граѓаните за она што се случува за потенцијалните опасностите како и за она што може да им биде корисно да го преземат или направат. Граѓаните колку и да се трудат не можат да направат доволно големи залихи доколку кризата се продлабочи и добие подлабока димензија.

Какви поуки треба да извлечеме од оваа криза? Дали долгогодишната недоволна грижа за земјоделството конечно ни се удри од глава?

-Треба да е јасно дека кризата со која се соочуваме е поголема од било која што сме ја доживеале во последните децении, а за неа не беа подготвени и држави кои се многу поразвиени од нашата. Но сепак она што исплива на површина и кое не треба да го заборавиме, е дека многу подобро треба да ги развиваме стратешките економски интереси, особено секторот земјоделство, за што веќе зборувавме но и секторот енергетика во кој исто така недоволно се вложувало и кој несоодветно се развивал. Ако сакаме да стоиме на здрави темели тогаш мора да се дефинираат приоритети и на нивно постигнување да се работи стратешки и посветено.

К.В.С.

Слични содржини