Најмалку едно лице загина во воздушен напад на израелските сили во близина на Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, пишува „Тајмс оф Израел“, пренесуваат палестинските медиуми.
Во тој напад се повредени најмалку две лица.
Во друг воздушен напад, мотоциклист загина во населбата Шејаја во градот Газа.
Претходно армијата соопшти дека рано утринава извршила нови воздушни напади врз ракетните позиции на палестинскиот „Исламски џихад“.
Министерот за одбрана на Израел, Бени Ганц им нареди на израелските вооружени сили да продолжат со офанзивните акции против палестинската екстремистичка група „Исламски џихад“ во Појасот Газа, соопшти денеска кабинетот на министерот.
Ганц утрово одржа состанок со началникот на израелските вооружени сили Авив Кохави и други високи воени и безбедносни функционери, на кој беше проценета моменталната состојба на теренот, пишува „Тајмс оф Израел“.
– Министерството за одбрана насочи офанзивни акции против припадниците на Исламскиот џихад, со акцент на операциите за спречување ракетни напади врз цели во Израел – се наведува во соопштението од кабинетот на Ганц и се наведува дека е издадена наредба за обезбедување помош на жителите на југот кои од синоќа се изложени на ракетен оган.
Ганц претходно одобри мобилизација на до 25.000 резервисти во случај на потреба, во врска со воената операција во Газа, објави Министерството за одбрана на земјата.
Израелската армија претходно објави дека гаѓала цели во Газа во рамки на операцијата „Зора“, по неколкудневната тензија предизвикана од апсењето на палестинскиот лидер Басам ал Сади.