Украинските сили тврдат дека погодиле и оштетиле руски поморски логистички брод во Црното море кој се запалил, изјави за Ројтерс портпаролот на војската во Одеса.
Портпаролот Серхиј Братчук вели дека бродот „Всеволод Бобров“ бил погоден во близина на Змискиот остров, јавува Би-Би-Си, додека Скај њуз наведува дека Братчук не ги открил размерите на нападот.
Овој мал остров се наоѓа во близина на украинската поморска граница со Романија. Има информации и за соборен руски хеликоптер Ми-24 во регионот на Луганск.
„Украинските сили открија група од четири непријателски хеликоптери и го соборија водечкиот од вториот пар“, објави на Фејсбук командантот на украинските воздушни напади.
Би-Би-Си забележува дека официјално не можат да ги потврдат овие тврдења.