Господине Заев (2)

од Vladimir Zorba
78 прегледи

Зборовите “шчо напраифме“ и „шчо требит да праиме за однапред“ содржат упадлив анахроничен призвук.

Тоа се зборови-наслов на првата обемна статија во книгата “За македонцките работи“ на Крсте П. Мисирков (1874-1926). Тие зборови, господине Заев, во комбинација со турцизмот “есап“ место „сметка“, препорака на стандардот на нашиот современ јазик, уфлаат во игра една честа, по нејзината употреба, стилска погодност која се вика – иронија.

atanas vangelov

Таа стилска погодност има една добра и една лоша страна истовремено. Како и во животот, така и во срцето на зборот (стил) кој се потпира врз иронијата пушта коренче убавото „цвеќе на злото“ (Бодлер). Добра страна на таа (моја) стилска погодност е ударноста на зборот (стил) која, пак како и сè во животот, си има своја цена.

Цената е: упадлив збор-стил кој привлекува, двосмислена, дури злобна порака. Тоа е лошата страна на мојата стилска погодност: да кажам нешто важно за вашата, во секој поглед достојна за почит политичка акција во ови две-три години како шеф на опозицијата, но и да ве боцнам малку кога барам “есап“ за тоа “шчо напраифме“ во овие две-три години. Накусо, јас се поставам себеси во супериорна позиција кога зборувам така, иронично, а вас ве поставам во инфериорна.

И тоа, како човек кој си ставил глава на пенушка (така сам напишав еднаш) со проектот “Вистината за Македонија“, кој ја разобличи власта на Никола Груевски до гола коска. Од таа моја супериорна позиција можат да произлезат само „пакости“, како што велеше Мисирков, иако “колатерални“ (В. Кларк), по мачните напори, во најголем дел ваши, да се најде излез од длабоката политичка криза.. Или, таа супериорност станува широк царски друм, поплочен со добри намери, кој води до пеколот.

Како што рече нашиот трапав министер Н. Поповски кога го вадеше од каша уште потрапавиот Хорхе со неговата аболиција. Тогаш, следува просто прашање: зошто ирониja? Во време кога секој што има глава да мисли и срце да викне “мрш бандо разбојничка на власт!“, зошто луксузот иронија? Ќе пробам да објаснам.

Пред (без малу) две години државичето Македонија беше парализирано од отровот длабока апатија и колективен дефетизам. При сè што се јавија и првите, оптимистички знаци дека, во тоа државиче, постојат потенцијали и сили кои можат да ја одиграат улогата на серум против отровот груевизам. Тука мислам, во прв ред, на масовните студентски протести. Кон кои, нешто подоцна, пристапија и добар дел од универзитетските професори со нивниот Пленум. На “сам ден свети Атанас“ (31. 01. 2015.) како што би рекол писателот Живко Чинго, и се обрати на нацијата тогашниот премиер на македонското државиче Никола Груевски. И се обрати преку државната телевизија со драматичен говор во кој кажа дека бил жртва на уцена за која имал цврсти, материјални докази. Го уценувале некои “мрачни сили“ на чие чело сте биле вие, како марионетка на „странска амбасада.“ Сакале да ја соборат легалната и легитимна власт на Груевски зад која столела волјата на огромното мнозинство македонски народ.

 Потоа уследија вашите бомби од “Вистината за Македонија.“ Еден морален и политички подвиг, веќе датум во најновата историја на нашиот народ.

Натаму е сè добро познато, до најситни детали. Иако, по секоја веројатност, тоа што сега се знае како вистина за власта на груевизмот е само врв на ледена санта. Вие ја разобличивте таа власт како насилничка, криминална и корумпирана.
Го сторивте тоа со многу документи пред кои и боговите молчат.
Вашиот подвиг, гест на силна душа и чисто срце, може да се споредува со подвигот на еден друг човек кој, како и вие, храбро им ја плисна в лице горката вистина на Македоннците.

Во време, кога сè уште чадеа опожарените села и градови по илиденската катастрофа. Веќе, во септември 1903, во далечниот Петроград, Крсте Петков Мисирков од Постол Ениџевардарско одржа едно долго, остро и беспоштедно предавање за тоа чија е вината и како дошло до “ужасна“, како што рече, национала катастрофа, во која полната цена ја плати народот, а не “раководците“ кој го воделе и потоа втурнале во катастрофа. Предавањето на Мисирков се вика “Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред.“ Стана уводна статија за неговата книга „За македонцките работи.“ Во тоа време, книгата беше единствен начин да им се каже вистината на Македонците.

Барем на оние грамотните, кои Мисирков ги викаше „интелигенција“. И затоа побрза да ја напечати во Софија. Во меѓувреме, додека книгата беше во печат, замина за Белград со трупата на Чернодрински каде што одржа предвање. Кога се врати во Софија, можеше да види како, луѓе на “раководците“, ја откупуваат неговата книга и ја горат. Зошто? Само еден детаљ од таа книга многу добро објаснува зошто, таа била јамка околу врат за “раководците“ и “делото.“

Како што вашата „Вистина за Македонија“ стана јамка околу врат за груевизмот. Пред да го наведам тој детаљ ќе кажам, и колку необично да звучи, дека статијата на Мисирков е првата, радикална, беспоштедна и систематска критика на груевизмот. Велам: на груевизмот, иако е адресирана до делчевизмот. Како и зошто, ќе објаснам подоцна.

А сега, детаљот поради кој го тепаа Мисиркова во Софија кога ја гореа неговата книга: „Организацијата [ВМРО] беше и јет завиена во тајна, така да долните нејни членови сет слепи орадија за исполнуајн’е само на работи, диктуани од горни сообразуајн’а и интереси. Тиа сообразуајн’а сет само достојаин’е на неколцина, туку речи, самозвани или случајно испливали на поврхнината македонци. Тије љуѓе сет вршителите на судбината македоцка. Нивната дејатељност не подлежит на критика. Ако се осмелит некој да критикуат дејатељноста на таквија лица, се решајат да погинит од организацијата.“

Или, да му плати 30 000 евра на пастир Никола за нанесени “душевни болки“, како што му плати Љ. Д. Фрчковски.

Атанас Вангелов
фејсбук статус