Говорите и пораките од сеалбанскиот протест преведени на македонски јазик

од Vladimir Zorba
95 прегледи

Организациониот одбор на сеалбанскиот протест „Протестирам албански” до медиумите ги испрати политичките пораки што беа прочитани во “Сеалбанскиот протест”, и говорот на Африм Гаши од Движењето БЕСА, што се одржа на 13-ти јуни во Скопје.

Во продолжение ви ги пренесуваме двата говори:

11249406_1409926316002424_1625779779227255295_n1-540x304

Политичките пораки што беа прочитани во “Сеалбанскиот протест”:

Почитувани Албанци од Македонија,

Почитувани граѓани на Македонија,

Ви се обраќам денес во име на Организациониот одбор на сеалбанскиот протест „Протестирам албански“. По направените консултации, овој одбор денес и се обраќа на јавноста во Македонија, им се обраќа на државните институции во Македонија, ја информира и меѓународната заедница во земјата, а ги повикува сите да го слушнат гласот на овој марш.

Тргнувајќи од 1945-та година, при создавањето на Југославија, потоа во 1991 год., при создавањето на независна Македонија и 2001 год., со постигнувањето на Охридскиот договор, но и ден денес, Албанците останаа најдискриминираниот народ во Македонија. Иако сме повеќе од една третина во оваа држава, ние продолжуваме да бидеме третирани како национално малцинство. Дури, уште полошо, ние продолжуваме да бидеме третирани како дежурни виновници за се што се случува во оваа држава и се сметаме како традиционален непријател, кон кому се дозволени сите средства на насилство и притисок. Кога се потребни терористи, тие се Албанците. Кога се потребни екстремисти, тие се Албанците. Кога се потребни бунтовници, тие се Албанците. Кога треба да се создадат убијци за доживотен затвор, повторно тие се Албанците. Од Втората светска војна, па се до почетокот на мај годинава во Куманово, ни за момент не престана насилството врз нас, секогаш под различни претексти, но постојано со истата мотивација – омраза кон се што е албанско.

Но за се треба да има еден крај. Оваа влада го пречекори секое дозволено ниво. Затоа не од голема желба, туку од акумулираниот револт низ години, денес сме тука со побунувачка одлучност кон оваа влада, а со пријателска искреност кон македонскиот народ, да испратиме неколку пораки:

  • Ако Македонците сакаат да живеат заедно со Албанците во една заедничка држава и да градат заедничка иднина, крајно време е да се откажат од тежнеењето да ја гледаат државата како свој национален имот. Македонија мора да се дефинира како заедничка консенсуална држава на двата поголеми народи кои живеат тука. Оваа дефиниција, освен меѓуетничката кохезија, меѓусебната верба и функционалноста, ќе го отвори и патот на интеграцијата и економската благосостојба за земјата. Затоа како никогаш порано Македонија денес има потреба за нов албанско-македонски договор, кој ќе биде постигнат во мирни услови и без притисок, секако орочен договор, кој ќе се имплементира без саботажи, туку со обострана волја, бидејќи целта ќе биде иста за двете страни – создавање на една успешна држава. Почитувањето на рамноправноста кон Албанците не претставува закана за земјата, не ги ризикува Македонците и другите, туку напротив, нечијата денешна дискриминација ја урива сечијата иднината утре..
  • Поради многуте антиалбански и антидржавни дејствија, поаѓајќи од Енциклопедијата, законот за наталитет за македонските мајки, фамозниот проект „Скопје 2014“, поделбата на државниот буџет според македонски терк, крајното македонизирање на судскиот, полицискиот и безбедносниот систем, убиствата и монтирањето на различни процеси, како „Сопот“, „Бродец“ и „Харун Алиу“ порано и, во последно време, случајот „Монстум“, злоупотребата на власта за манипулација на изборите и медиумите, блокирањето на процесот на интеграција на земјата, спречувањето на имплементација на Охридскиот договор, сиромаштијата и масовната емиграција на Албанците, потоа расистичкиот пристап во образованието, дискриминацијата во култура, селективниот пристап во инфраструктурата, токсизацијата на воздухот и загадување на животната средина, се само некои од причините поради кои оваа влада треба да замине. Да замине и да одговара за сите овие злоупотреби. Проштевањето на криминалните дела не е хуманизам, а уште помалку мудрост, туку покана за повторување на тие дела под други претексти.
  • Но, за нас влада не е само Груевски, дури ни само Груевски и Ахмети заедно. За нас влада е и Тачи. Затоа Албанците во Македонија како никогаш порано се чувствуваат целосно непретставени политички. Како можат Албанците од Македонија да бидат претставувани од политичари, на кои политичкиот живот им зависи од фиоките на Мијалков, а додуша, сега и од фиоките на Заев и која е нивната политичка моќ во разговорите во Брисел? Затоа денес сме тука за да се изјасниме дека тие разговори се невалидни за Албанците, бидејќи Али Ахмети и Мендух Тачи не ги претставуваат веќе Албанците од Македонија. Нивното прифаќање од било кој домашен или странски фактор како легитимни претставници е само политичко официјализирање на криминалноста, на корупцијата и непотизмот, како дозволени средства за владеење, кои пред се им штетат на Албанците, но на крај ги уриваат сите тие кои лажниот профит и мир го отсликуваат како успех и просперитет. Од историјата знаеме добро каде водат и во страници на кои книги завршуваат последиците од таквите игри.
  • Денес, во услови на криза, Албанците од Македонија очекуваа од Македонците дефинитивно да сфатат дека се принудени да градат стабилна и успешна држава. Албанците очекуваа ова криза да биде една катарза, која ќе ја исфрли целата полувековна дискриминација на Албанците од Македонија и дека ќе ги обелодени сите албански вистини во Македонија. Но, за жал, ни ова не се случи. Затоа, сите кои имаа можност да ја прочистат Македонија од антиалбанскиот криминалитет а не го направија тоа, за Албанците се исти како и тие кои ги направиле тие дела.
  • На народите со кои древно го делиме истото поднебје, на меѓународната заедница, на легитимните опоненти и на искрените поддржувачи, значи на сите заедно, сакаме во пријателски дух да им соопштиме – НИЕ ДОАЃАМЕ ВО МИР И СО ДОБРА ВОЛЈА! Не барајте агресија во нашите убедувања и во нашите вистини, туку само повод за саморефлектирање. Крајно време е да сфатите дека, како и сите други народи, и ние нема да прифатиме потчинување во мир, а уште помалку со добра волја. Овој наш избор не е од политички побуди, но е историска должност кон нашето минато, и, дотолку повеќе, кон нашата иднина. Пред ова искушение не можеме да се повлечеме. И, ова го правиме не од желбата за триумф, туку од должноста кон нашата генерација за достоинствена одбрана на своето, без повредување на туѓото.

Поаѓајќи од ова, Албанците  од Македонија се денес тука да се произнесат гласно и без двоумење: ако сакате заедничка држава, треба да знаете добро дека без решавање на албанското прашање во Македонија оваа земја нема да има просперитет и развој!

Ви благодарам!

Скопје, 13 јуни2015                                    

Организациониот одбор на сеалбанскиот протест „Протестирам албански“

=========================================

Говорот на Африм Гаши од Движењето БЕСА

Еден добар сончев ден, точно пред 52 години и пред повеќе од 200 илјадi луѓе во американскиот град Вашингтон, еден црнец ќе го потресе целиот свет со својот повик „Имам еден сон“.

Беше тоа сонот на големиот Мартин Лутер Кинг, кој се оствари после полни 45 години, кога во Белата Куќа за Претседател на САД беше избран еден наследник на Кинг, актуелниот американски претседател Барак Обама.

Почитувани браќа и сестри Албанци, почитувани пријатели, дејци и семејни луѓе.

Вие, почитувани, кои сте дојдени од секој крај на Македонија за да го увеличите овој протестен марш.

И ние денес, сите Албанци, сме собрани тука заедно, пред овој плоштад и пред оваа влада, за без срам и страв, и убедени дека сме на нашето историско право, да и кажеме на оваа држава:

НИЕ НЕ ЈА САКАМЕ ОВАА МАКЕДОНИЈА

Не ја сакаме оваа Македонија која Албанецот го смета за нужно зло.

Не ја сакаме оваа Македонија која не убива во Бит-Пазар, Тетово, Бродец, Радуша и на крај во Куманово.

Не ја сакаме оваа Македонија која ни пресудува како во Сопот

Не ја сакаме оваа Македонија која ни пресудува доживотен затвор како во случајот „Монструм“.

Не ја сакаме оваа Македонија која не прислушкува и потоа тие прислушкувања ги користи за политички калкулации.

Не ја сакаме оваа Македонија каде едната страна не прислушкува, а другата ги крие тие материјали кои се однесуваат на нашата вистина и дискриминација.

Не ја сакаме оваа Македонија која со името и со сите свои симболи е само македонска.

Не ја сакаме оваа Македонија која со сиот свој државен систем е во служба на македонскиот народ.

Ние сме уморени од една ваква Македонија.

Уморени сме чекајќи Македонците да рефлектираат

Ние исто така сме крајно разочарани и од досегашните албански политичари, кои само им служеа на Македонците да ја реализираат оваа дискриминација.

Ние исто така сме разочарани и од тие кои само сакаат да ги врзуваат македонските и албански знамиња, ама продолжуваат да ги третираат Албанците како сопственост на Македонците. 

Ние сме тажни затоа што пола милион Албанци од оваа земја денес талкаат низ разните краишта на светот затоа што оваа земја ги третирала како диво месо. За што сме ние криви? Дали сме криви што сме родени од родители Албанци?

Ние сме разочарани што се уште не знаеме точно што сме во оваа држава: некој не третира како малцинство, некој пак како етничка заедница, некои други не сакаат само како граѓани, ама никој не не сака како Албанци. Доста е веќе! Ваква Македонија ние не сакаме.

Почитувани браќа и сестри!

Со сета оваа тешка состојба, со сиот овој антиалбански пристап, со сиот вазалски однос на Албанците кон Македонците, дури и со сите нивни предавства, сепак ви велам, ИМА НАДЕЖ. Ништо не е завршено. Впрочем токму сега само што започнало. Токму сега ќе разбере Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, но и Али Ахмети и Мендух Тачи, дека не може веќе да си поигруваат со нас.

Затоа, тука сме денес да им укажеме на нив и на сите други кои сакале или нејќеле да слушнат и да разберат дека оваа држава или ќе биде заедничка или ничија.

Ние нема веќе да ја трпиме дискриминацијата

Нема да трпиме веќе затвори и бесправда

Нема да трпиме ропство и сиромаштија

Нема да трпиме веќе исселувања ниту потценувања.

Или ќе го земеме тоа што ни следува или пак никој нема да биде среќен во оваа држава. Или Македонија ќе биде рамноправна држава на сите што живеат тука или пак никој нема да биде задоволен во неа.

Затоа, почитувани Албанци, од ова место и во овој момент сакаме да ви испратиме една порака: ЕДЕН ДЕН, СЕКАКО ЌЕ БИДЕ ДОБРО ЗА СИТЕ НАС.

За разлика од Мартин Лутер Кинг кој имаше само сон, ние сме убедени дека Македонија еден ден ќе биде заедничка држава на Албанците и Македонците.

Ние сме цврсто убедени дека не постои сила која може да го спречи ова.

Ние сме убедени дека само една редефинирана Македонија како консензуална држава на Македонците и Албанците е најдоброто решение за опстанокот на оваа држава.

Убедени сме дека редефинирањето на Македонија како слободна, демократска и правна држава е за доброто на сите во Македонија.

Ние сме совесни дека редефинирањето на безбедносниот систем на оваа држава  е за доброто на сите што тука живеат.

Ние сме свесни дека точното редефинирање на оваа држава, во мирни услови, без притисок на пукотници и со слободната волја на Македонците и Албанците, претставува единствен пат на успехот.

Убедени сме дека Македонија може да биде успешна само во сојузништво со Албанците во себе и со Албанците како нејзини добри соседи.

Нам јасно ние дека Македонија може да биде функционална држава само ако го прифати фактот дека една третина во себе се Албанци и ова да се одразува во градењето на државата.

Ние сме убедени дека еден ден оваа идеа ќе завладее, но искрено не сакаме да чекаме пола век Македонците да го сфатат ова. 

Почитувани Албанци

Тргнувајќи од сето ова, убедени сме дека не е далеку денот кога претседателот на Македонија ќе биде Албанец и никој нема да се изненади со тоа.

Ние сме убедени дека не е далеку денот кога еден Албанец од Тетово ќе ја продава својата стока во Валандово и нема да се плаши таму да зборува албански.

Знаеме дека не е далеку денот кога и Македонецот од Струмица ќе оди во Гостивар и со гостиврачани ќе се поздравува албански.

Ние сме убедени дека не е далеку денот кога слободно ќе прошеташ низ Битолскиот Широк-сокак и ќе зборуваш албански.

Ние сме убедени дека не е далеку денот кога во Тетово ќе ечи песната „Зајди зајди“ и тоа за никого нема да претставува проблем, како што нема да биде проблем ни во Штип да се слушне албанска песна.

Ние сме убедени дека не е далеку денот кога некои политичари од денешницата ќе се засрамат што не нарекувале Шиптари и Индијанци.

Убедени сме дека не е далеку денот кога учениците Албанци, Македонци, Роми и Турци ќе учат во исти училишта, без страв помеѓу себе, но и во исти услови и без дискриминација.

Ние сме убедени дека не е далеку денот кога сите ќе се смееме со тоа што било во Македонија исто како што денес се смеат американците што некогаш нивните дедовци биле расисти.

Ова е нашата надеж. Во ова ние веруваме. Со оваа верба ние ќе бидеме во можност да работиме заедно, да му се молиме на Бог заедно и да се кренеме во името на слободата заедно, сигурни дека еден ден ќе бидеме слободни.

Затоа, почитувани Албанци, ќе го привршам мојот говор со желба да запомнете и вие што сте тука, но и тие кои ќе го следат овој говор каде и да се.

Денес Албанецот од Македонија ја зема судбината во свои раце

Денес Албанецот од Македонија јасно и гласно искажа дека не му требаат уценувани вазали за да го претставуваат.

Албанецот од Македонија нема веќе потреба за политичари кои едвај менуваат имиња на две училишта и кои се верни на своите шефови до смрт.

Албанецот од Македонија не е веќе сираче. Тој не е културно суштество за да се залаже со разни песнички, туку тој претставува политичко суштество кој го сака тоа што го сакаат и Македонците самите за себе.

Албанецот од Македонија нема веќе да биде ниту потценуван, ниту омаловажуван. Тој ќе биде горд што е Албанец и свој на своето.

Ќе привршам со мојот збор повикувајќи ве сите вас да не ја губите надежта и да не се разочарувате. Слободата, правдата и рамноправноста, еден ден несомнено ќе дојдат, додека ние секој ден ќе ја биеме битката за да ги постигнеме истите.

Затоа, ова е мојот последен повик: Ние нема да отстапиме ниту милиметар од универзалните и граѓански права на секој што живее тука, НО ние сме Албанци и оваа битка ќе ја биеме Албански и ќе ја добиеме како Албанци.

Ви благодарам!

Африм Гаши

13.06.2015 год.