Во вчерашната објава на Фејсбук страницата на градоначалникот на Општина Аеродром беше наведено дека претпријатието ЈП Лајка и Град Скопје немаат стратегија за справување со бездомните кучиња. Градоначалникот, без подлабоко и суштинско разбирање на проблематиката, повика истите да најдат ВЕДНАШ решение за проблемот, кој се таложел со децении наназад, независно која партија била „на власт“. Интерес за системско и трајно решавање на проблемот со бездомните животни – немало. Во 2020 година, за првпат започнува со работа ЈП „Лајка“, чијашто работа е да ја спроведува програмата „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“, како единствена докажана програма која имала ефект врз намалувањето на бројот на бездомни животни во урбаните средини. Претпријатието од промената на раководството во 2021 година забележува само пораст на позитивни резултати во број на успешно стерилизирани и вдомени животни, сведување на стапката на смртност практично на нула, целосно достапно и отворено за граѓаните, пораст во остварени соработки со граѓаните и негување на принципот претпријатие кое работи во служба на граѓаните, пишува Граѓанската асоцијација „Бездомни животни без граници“ Скопје.
„Општина Аеродром беше една од ретките општини која ја препозна работата на претпријатието како исклучиво важна алка во низата на системски промени кои треба да се преземат за да се воспостави контрола на бездомните животни и редовно го исплаќа својот учинок према ЈП Лајка, заедно со Општина Центар и Општина Гази Баба. Останатите општини во Град Скопје и покрај договорната обврска да учествуваат со по 2 милиони денари на годишно ниво, не ги исполнуваат своите обврски, со што дополнително ја отежнуваат работата на претпријатието и значително ги намалуваат капацитети за работа на истото. Но во своето соопштение и со своите постапки, градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски ја отфрла секоја можност за објективност и анализа на состојбите и наместо преку закани за неплаќање на договорната обрвска према ЈП „Лајка“ се обидува да ги амортизира реакциите на јавноста по објавата на видеото на кое се гледа како две кучиња напаѓаат трето куче, домашен миленик. Заканата за намалување на и така скромниот буџет на единственото јавно претпријатие кое врши исклучиво хумана и општокорисна работа во име на сите граѓани на Град Скопје, ќе доведе само до едно – да има уште повеќе бездомни животни на улиците во Скопје!
Градоначалникот несвесен за веќе нанесената блокада во работата на претпријатието од страна на партијата од која што и тој самиот потекнува, вперува прст во ЈП „Лајка“ без да го сподели фактот дека советниците од ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ се всушност мнозинството членови на Советот на Град Скопје, кои одбиваат да ја изгласаат програмата за работа на претпријатието и следствено во голем дел ја ограничуваат работата на претпријатието. Односно, претпријатието без изгласана програма од Советот на Град Скопје, не може да спроведува јавни набавки и следствено да набави основни материјали за работа (конци, шприцеви, лекови, гази и сл.) и непречено да ја врши својата дејност. Па сведоци сме на низа објави од страна на претпријатието каде што се бараат донации од граѓани, а во многу наврати активисти обезбедуваат материјали за работа на сопствен трошок, додека оние кои се платени да овозможат непречено функционирање на градот и претпријатијата во градот се зафатени со меѓупартиски препукувања! Состојбата со бездомните животни е комплексен проблем, за кој што одговорност треба да сносат повеќе чинители, почнувајќи од сите општини во државата, неодговорните граѓани и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како главен, законски задолжен орган за контрола на работата и активностите на сите останати во овој синџир. ЈП „Лајка“ е последната алка во синџирот која се справува со последиците од проблемот кој го создаваат вашите и наши сограѓани, а кој им го допуштаат нефункционалните институции. Поразителен е фактот дека во 2022 година само 5 од 70 општини во Македонија спровеле некаква програма за контрола на популацијата на бездомните кучиња. Кучињата не познаваат административни граници и ова е проблем кој мора да се решава со национална стратегија, усогласена за сите општини во државата. Поразителен е и фактот дека 43 инспектори вработени при Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 2016 до 2022 година изрекле само 33 глоби согласно на територија на цела држава за неодговорно сопствеништво.
Во само еден ден на социјалните мрежи ќе наидете на 33 постови во кои се бара помош за исфрлени кученца на улица. Во недостиг на механизам на контрола и санкција на неодговорното сопственишто и слободното размножување, кратењето на буџетот на ЈП „Лајка“ и третирањето на работата на ова претпријатие како да е здружение кое се финансира преку доброволни прилози, наместо преку данокот на граѓаните, само дополнително ќе го продлабочи проблемот. И најпоразително од се е што никој не бара одговорност од оние кои во континуитет го продлабочуваат овој горлив проблем!
Квалитетот на животот на граѓаните НЕ СМЕЕ да биде предмет на меѓупартиски препукувања. Оние кои ги креираат овие политички кризи се токму оние кои најмалку се засегнати од проблемите со кои се соочуваат обичните граѓани. Тоа се луѓето, кои се растени во привилегија на сметка на обичните граѓани во државата и чиишто функции ги плаќаме до ден денес. Време е да ги надраснете партиските и личните интереси и почнете да водите конструктивни, наместо деструктивни локални политики на штета на оние кои ве плаќаат“, се додава во соопштението на Граѓанската асоцијација.