Град Скопје ги заменува обичните со нови ЛЕД светилки

од Берта Китинска
197 прегледи

Град Скопје вчера започна со инсталација на ЛЕД светилки за улично осветлување на улица „Франклин Рузвелт“, на потегот од улицата „Васил Ѓоргов“ до Зоолошката градина, на кој ќе бидат поставени 43 светилки. Како што информира Град Скопје, поставувањето на ЛЕД светилките за улично осветлување на градските сообраќајници е дел од проектот „Паметен град“, што го реализира Македонски телеком.

– Инсталацијата на ЛЕД светилките продолжува на булеварот Илинден, на потегот од Зоолошката градина до мостот „Гоце Делчев“. На овој потег сега има 75 светилки насочени кон коловозот, натриумови со моќност од 250 W и тие ќе бидат заменети со ЛЕД светилки од 136 W, а светилките кои се насочени кон пешачката патека на овој потег се 28 на број со моќност од 150 W и тие ќе бидат заменети со ЛЕД светилки со моќност од 69 W, информира Град Скопје.
Првичната придобивка од овој проект, како што информира Град Скопје ќе биде воведување паметно ЛЕД осветлување на градските сообраќајници, со кое ќе се модернизира осветлувањето и неговото менаџирање, а ќе се намалат и трошоците. Со проектот е предвидено да се постават околу десет илјади ЛЕД светилки и да се дигитализира системот за осветлување при што со помош на паметните алатки осветлувањето ќе свети или ќе осветлува онолку колку што во моментот е потребно, зависно од движењето на луѓето и затемнетост на околината.

Во наредните денови, ЛЕД осветлување ќе се поставува и на булеварите „Партизански одреди“ и „Александар Македонски“. Првите 53 ЛЕД светилки се инсталирани на булеварот „Никола Карев“, што е при крај со реконструкција

Поставувањето ЛЕД светилки за улично осветлување на градските сообраќајници е согласно со договорот склучен меѓу Град Скопје и групата понудувачи Македонски телеком АД – Скопје, ВЕРСО – Загреб и Винт – Скопје за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град.

Слични содржини