Град Скопје: Мицкоски и советниците на ВМРО-ДПМНЕ намерно ја блокираат јавната чистота

од Илинка Илиоска
754 прегледи

Град Скопје излезе со остро соопштение во кое ги обвинува советниците под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, дека намерно ја блокираат работата на Јавното претпријатие Комунална хигиена. Според градските власти, оваа блокада, која трае веќе десет месеци, ја попречува редовната работа на околу 100 вработени кои повеќе од две децении се ангажирани за одржување на јавната чистота во Скопје.

Градот исто така ги обвини советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека работат за партиски интереси, наместо за доброто на граѓаните.

„Советниците под контрола на Мицкоски за оваа своја партиска послушност за секоја седница добиваат по 500 евра. Единствен губитник во оваа политичка игра на акумулирање на моќ се граѓаните на Скопје,“ стои во соопштението.

Во соопштението се вели и дека ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ е дел од поширок план за покривање на неисполнетите политички и национални ветувања.

„Целата операција на Мицкоски всушност е покривање на изневерените политички и национални ветувања, кои што беа дел од фолклорот на митинзите и по штабовите, како и на сите негови прес конференции,“ велат од Град Скопје.

Градските власти го повикаа премиерот Мицкоски да преземе одговорност и да ги вразуми своите советници во Советот на град Скопје.

„Ја поздравуваме најавата на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и го охрабруваме во најбрз можен рок да преземе одговорност за нарушените состојби во главниот град, кои што ги креираше,“ се наведува во соопштението.

Тие исто така побараа од Мицкоски да ги убеди советниците да ја поддржат набавката на нови еколошки автобуси и други проекти за градот.

„Апелираме премиерот Мицкоски да ги вразуми советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје кои трета година по ред свесно и за политички поени ја кочат работата на јавните претпријатија,“ велат од Град Скопје.

Дополнително, се посочува дека членовите на Управните и Надзорните одбори во градските претпријатија, каде ВМРО-ДПМНЕ има доминантно мнозинство, ги блокираат сите важни планови и проекти за градот.

„Го охрабруваме Мицкоски да ги охрабри овие луѓе да ги одобрат плановите за вработување, плановите за набавки на нови контејнери, машини, дрвја, зеленило, автобуси и резервни делови. Апелираме да се стави крај на политичкиот терор,“ се вели во соопштението.

Слични содржини