Градежни компании: Чудни услови бара Министерство за култура за реконструкција на Универзална сала

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Чудни услови за избор на изведувач за реконструкција на Универзалната сала во Скопје, бара Министерството за култура, обвинуваат неколку домашни градежни компании.

Огласот за јавна набавка за Избор на субјект за управител на градба за довршување на реконструкција со надградба и доградба на објект Универзална сала во Скопје-фаза кров и фасада истекува на 14 април, годинава, а изнесува 13 милиони евра.

Домашни градежни компании кои сакале да се пријават за тендерот, тврдат дека нема да го сторат тоа оти има неколку за нив чудни усови, и претпоставуваат оти можно е токму поради тоа само одредена компанија да ги исполнува и да го добие тендерот. Според нив, еден од критериумите е фирмата која ќе се пријави да има минимален приход 20 милиони евра (без ДДВ) годишно, во последните три години, односно во 2020,2021 и во 2022 година.

Друг чуден за нив услов е компаниите кои ќе се пријават да имаат претходно минимум од 3 (три) договори за вршење на градежно-занаетчиски работи на објекти склучени во последните 5 (пет) години, од кои најмалку 1 (еден) успешно извршен договор за објект од областа на културата со вредност од помалку од 20.000.000 евра со ДДВ. Тврдат дека овие два услови се многу ограничувачки и оти најголем дел од македонските градежни фирми не можат самостојно да ги исполнат овие барања, ако немаат меѓународни партнери.

Од друга страна, додаваат тие, има критериуми кои се многу слаби. Според нив, еден од таквите е условот дека фирмите кои е се пријават на тендерот мора да имаат персонал од 1 (еден) градежен инженер со минимум Б лиценца, 1 (еден) архитект со минимум Б лиценца, 1 (еден) електроинженер со минимум Б лиценца, и 1 (еден) машински инженер, исто така со минимум Б лиценца.

Забелешки има и на моделот на договорот. Поточно, објаснуваат македонските градежни компании, тоа недостасува. Тие велат дека според законот за јавни набавки минимум 7 дена пред поднесување моделот требало да биде достапен за разгледување на понудувачите, но тоа не било сторено. Напоменуват дека било побарано во периодот на поставување прашања тој модел да им биде доставен на понудувачите, но такво нешто не се случило.

Спорен бил и делот со времетраење на тендерот. Според распишаната јавна набавка, времетраењето е 30 дена, а незадоволните градежни компании велат дека тој период е многу краток за паушален договор, па дури и кога е предвидена посета на локацијата со тендерски услови, што е случај овде. Но, тие велат дека 30 дена, според законот, треба да се сметаат од датумот на посета на локацијата, а не од денот на објавување на тендерот.

Моделот на цена исто така е чуден. Не се бара приложување на целосниот предмет, односно документ кој се користи при тендерите во градежната индустрија, во кој се наведени материјали, делови и работна сила, поточно ги детализира условите за изградба. Тоа цениме е многу нетранспарентно, велат незадоволните домашни градежници.

Тие се сомневаат дека можеби министерството за култура веќе однапред има одреден добитник на објавената јавна набавка, која всушност е втор дел. Претходно, поточно првиот дел од тендерот го дибила фирмата Универзал Балкан, од Скопје, која веќе и си ги извршува работите за реконструкција на покривот и на фасадата на Универзална сала.

Главна цел на овој проект е реконструкција на Универзалната концертна сала во Скопје. Изведба на звук (JBL) 15 KW. Целосна опрема за сценски светла 100KW (рампа, скенери, машина за магла, видео екран…), можност за снимање аудио и видео. Оркестарски простор на различни нивоа. Кафуле, бифе за промоции со капацитет за 80 посетители.

Главен фокус на реконструкцијата е да се обезбеди модерен и поудобен простор со намален број на седишта (1.200), поставување на изолација, нова столарија, реконструкција на подови, ѕидови и тавани, поставување на нов W&S систем, замена на застарените електрични системи. и инсталација на модерна структурна противпожарна заштита, сценска акустична, осветлување и аудио, видео систем итн.

Скопската Универзалната сала е изградена веднаш по земјотресот во 1963 година како донација на многу земји, организирана од ОН. Универзалната сала стана симбол на хуманоста и едно од знаменитостите на Скопје. Објектот е наменет за повеќенаменски простор со 400 метри квадратни сцена и гледалиште со 1.500 столчиња во амфитеатрален план.

Слични содржини