На 6 ноември, градоначалникот на Северна Митровица, Милан Радојевиќ, на вонредната седница на Собранието на општина Северна Митровица и официјално поднесе оставка.
Истото го направија и 17 советници на Српска листа во оваа општина.
Свои оставки поднесоа и градоначалниците на општините Звечани, Драгиша Миловиќ, Лепосавиќ – Зоран Тодиќ и Зубин Поток – Срѓан Вуловиќ, како и советниците во локалните собранија од редовите на Српската листа, водечката партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград.
Овие оставки доаѓаат еден ден откако претставниците на Србите од северот на Косово одлучија да ги напуштат сите институции на Косово, односно да поднесат оставки од локалните и централните институции, како и од судството и полицијата.
Горан Ракиќ, претседател на Српската листа рече дека овие одлуки за напуштање на институциите ќе бидат во сила до моментот кога „Приштина ќе почне да го почитува меѓународното јавно право и договорите договорени во Брисел“.
Исто така, беше побарано Владата на Косово да ја повлече одлуката за пререгистрација на табличките КМ – издадена од Србија – во РКС (Република Косово).
На напуштањето на косовските институции од страна на Србите му претходеше суспензија на директорот на полицијата за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој ја одби наредбата за предупредување.
На 1 ноември, Владата на Косово започна да го спроведува планот за пререгистрација на табличките со српски ознаки на градовите во Косово, издаден од Србија, како што е КМ (Косовска Митровица).
Во првиот дел се предупредуваат возачите, во вториот може да платат казни од 150 евра, додека во третиот ќе се издаваат пробни таблички.