Градоначалникот на Блајбург, Штефан Висотчник вели дека нема ништо против комеморацијата на хрватските жртви убиени кон крајот на Втората светска војна кај тој град, но укажува дека поради тоа во тој град се повеќе доаѓаат неонацисти од половина Европа.

“Ние против одржување на таков собир во спомен на настраданите немаме апсолутно ништо, баш како ни против одржување на миса, па Градот Блајбург помогнал и на таа полјана наместо крстот кој некогаш стоеше, да се крене вистински споменик”, рекол Висотчник за хрватски “Novi List”.
Тој, меѓутоа, нагласил дека блајбуршките власти во последно време забележуваат дека на ова одбележување се повеќе се приклучуваат неонацисти од половина Европа, “па така минатата година имало девет пријави и седум пресуди, а доаѓаат и различни групи демонстранти кои се повеќе се шират кон самиот Блајбург”.
Висотчник вели дека властите во Блајбург не се среќни што нивниот град и Австрија имаат “имиџ кој не го заслужуваат”.
“Блајбург не сака да биде врзуван со негативни конотации, па сето ова што се случува станува проблем на повисоко, регионално ниво. За да се реши, неодамна објавивме резолуција со која бараме од надлежните државни институции кои имаат власт во рацете да ни помогнат да ги регулираме работите преку законските рамки”, рекол Висотчник.