Со пешачење од својот дом до просториите на општина Гази Баба утринава дојде општинскиот градоначалник Бобан Стефковски. На тој начин тој се приклучи на денешното одбележување на Светскиот ден без автомобили.
-Имав можност да сретнам жители кои исто така денес ги оставиле автомобилите и со пешачење тргнале кон своите работни места. Како дел од Европската недела на мобилност ширум светот се одбележува Светскиот ден без автомобили. Овој ден има цел да ја крене свесноста кај возрасните за зачувување на чиста, здрава и зелена животна средина, како и применување еколошки транспортни решенија. Одбележувањето на овој ден треба да ги поттикне граѓаните да замислат еден поинаков град кој ќе биде во функција на луѓето, а не на автомобилите, напиша Стефковски во објавата на социјална мрежа Фејсбук.
Градоначалникот на Гази Баба го даде својот пример за можноста да не се користат автомобили. За тоа во градот каков што е Скопје постои голема потреба. Но, и по овој пример останува прашањето дали градоначалникот Стефковски ќе продолжи да доаѓа пеш на работа и во идните денови? Да се надеваме дека ова ќе му стане навика и во наредниот период.