Градоначалникот на Сарај: Поликлиниката Сарај не функционира и десет месеци од нејзиното отворање

од Илинка Илиоска
36 прегледи

На денешната прес-конференција пред Поликлиниката во Сарај, градоначалникот на Општина Сарај, Илас Весели, ја изрази својата загриженост за продолженото нефункционирање на оваа здравствена установа, која е од клучно значење за жителите на општината. Весели истакна дека и покрај многуте поплаки и апели од локалната власт, ситуацијата останала непроменета.

„Денеска сме тука пред Поликлиника Сарај да ја изразиме нашата загриженост за нередовното функционирање на оваа здравствена установа, која е многу важна за жителите на нашата општина. По многуте вербални и писмени поплаки што стигнаа од нас како локална власт, најдовме за потребно јавно да се обратиме до Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје – Скопје и до јавноста за нефункционирањето на Поликлиниката во Сарај“, рече Весели.

Тој нагласи дека по десет месеци од свеченото отворање, Поликлиниката во Сарај не успеала да ги исполни очекувањата на жителите. „Во рамките на поликликата беше предвидено да функционираат одделенија како дневна амбуланта, стоматологија, педијатрија, лабораторија, ренген соба и аптека. Меѓутоа, во моментов, дел од овие одделенија функционираат делумно, а други воопшто не функционираат, како педијатрија и фармација“, изјави градоначалникот.

Весели ја изрази својата загриженост за тоа што граѓаните на Сарај не можат да ги добијат соодветните здравствени услуги, што ги принудува да патуваат во други општини.

„Жителите на Сарај се уште не успеваат да ги добијат соодветните здравствени услуги од оваа поликлиника и се принудени да одат уште подалеку за да ја добијат потребната здравствена помош“, рече тој.

Во продолжение, градоначалникот постави неколку прашања до Министерството за здравство и министерот Арбен Таравари, со цел да се добие објаснување за причините за нефункционирањето на Поликлиниката во Сарај.

„Зошто граѓаните на Сарај не можат да добијат целосно здравствени услуги и оваа институција не работи со полн распоред и капацитет? Зошто лекарите не доаѓаат редовно на работа и зошто се работи само со закажување, а не со полно работно време како што беше планирано?“, праша Весели.

Градоначалникот на Сарај исто така апелираше до Министерството за здравство и министерот Таравари да преземат итни мерки за решавање на ситуацијата.

„Ние како локална власт која континуирано се залага за доброто на нејзините жители и која придонела за изградба на оваа здравствена установа, апелираме да овозможите целосно и редовно функционирање на Поликлиниката во Сарај“, заклучи Весели.

Поликлиниката во Сарај е важен здравствен објект за над 44.000 жители, и, според градоначалникот, е од витално значење да почне да функционира со полн капацитет за да ги задоволи потребите на локалното население.

Слични содржини