Венеција е позната како „пловечки град“, но во исто време и како „град што тоне“. Во последните сто години, земјата под градот се спуштила за околу 25 сантиметри, додека нивото на морето се искачило за речиси 30 сантиметри, пишува Си-Ен-Ен.
Комбинацијата од слегнување на земјиштето и зголемување на нивото на морето предизвикува чести поплави, па Венеција тоне уште побрзо во сопствената лагуна.
За посетителите, нестабилната положба на Венеција е токму она што ги привлекува во градот. Со други зборови, луѓето се собираат во Венеција за да го видат пред да исчезне.
Што ако Венеција може да се подигне?
Пјетро Театини, професор по хидраулика на Универзитетот во Падова, дошол до идеја да ја спаси Венеција. Тој предлага вбризгување вода длабоко под градот за да се подигне земјата на која се наоѓа градот.
Театини верува дека градот на тој начин би можел да се искачи за дури 30 сантиметри, што би овозможило најмалку 50 години време за изнаоѓање трајно решение.
Италијанската влада моментално троши милиони евра годишно за поставување бариери против поплави за да се спречи пропаѓање на градот, а Театини верува дека неговиот метод е многу поефикасен.
Низ целата своја историја, Венеција постојано ги пренасочувала реките и копала нови канали за да спречи тонење. Но, во текот на 1960-тите и 1970-тите, пумпањето на подземните води од индустриската зона Маргера предизвикало влошување на почвата, а од 1950 до 1970 година Венеција потонала за речиси 12 см.
Денес, градот е заштитен со системот „MOSE, скапа бариера што се издига од морското дно и ја затвора лагуната од екстремно високи плими.
Но, климатските промени променија сè. Само во последните 20 години, нивото на морето повисоко од 110 см, што предизвикува сериозни поплави, е регистрирано повеќе од 150 пати. MOSE веќе е активиран околу 100 пати, иако сè уште не е официјално пуштен во целосна употреба.
Секое подигнување брани ја затвора лагуната, што влијае на морскиот сообраќај, природниот систем за испирање на лагуната и целиот нејзин екосистем. Во исто време, Венеција продолжува да тоне околу два милиметри годишно, додека морето се издига уште побрзо, пет милиметри годишно.
Како професорот ќе ја спаси Венеција?
Професорот Театини предлага морето да се инјектира во длабоките слоеви на почвата, на длабочина од 600 до 1000 метри. Водата би се пумпала низ бушотини распоредени во круг со дијаметар од десет километри околу градот, во внатрешноста на лагуната, без да излегува во Јадранското Море или да се протега под копното.
Театини истакнува дека не станува збор за фракинг, техника што користи висок притисок за кршење на карпите, туку за контролирано вбризгување под низок притисок, без пукање на карпите.
Ако водата се пумпа пребрзо, може да се формираат пукнатини, што би било исклучително опасно. Тестирањето би траело две до три години и би чинело помеѓу 30 и 40 милиони евра. Целокупниот проект би бил три пати поевтин од MOSE, кој веќе чинеше повеќе од шест милијарди.
Идеја создадена пред 50 години
Театини се занимава со оваа идеја со децении. Неговиот ментор Џузепе Гамболати предложил вбризгување течност длабоко во земјата уште во 70-тите години. Но, проектот никогаш не беше сериозно разгледан.
„Мораме да почнеме да правиме нешто, и тоа веднаш. Ова е единствениот предлог што е веќе разработен и може да се тестира утре, ни треба само одобрение“, рече Театини.
Во март 2025 година беше воведена „Авторита за ла Лагуна“, државна институција која ќе ги надгледува идните проекти во лагуната. Без оглед на тоа кој проект ќе биде избран, трошоците ќе се мерат во милиони, ако не и во милијарди евра.
Дали вреди да се спаси Венеција?
Некои се прашуваат дали вреди да се спаси град чие население паднало под 50.000, а 70 проценти од населението се преселило на копното поради туризмот и високите трошоци за живот.
„Препуштањето на градот на судбината би била најрадикалната опција. Венеција е единствена, нема друго место како неа. Затоа мора да ја зачуваме, доколку е воопшто можно, во нејзината природна средина“, рече Театини.