Пратеникот и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски синоќа порача дека ВМРО-ДПМНЕ денес ќе поднесе закон во Собранието за измена и дополнување на законот за регистрација на здруженија на граѓани каде ќе стои еден член дека се забранува основање или формирање на здружение кои според статут или според име ќе имаат било каква врска со фашистичкиот режим или со Третиот Рајх.
Пратеникот во емисијата „24 анализа“ го коментираше и денешниот најавен протест во Охрид, по повод отворањетно на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“.
„Денеска имаше изјава на таа тема, ние сметаме дека граѓаните имаат полно право да го искажат своето незадоволство и жителите на Охрид, и тие на околните места кои што ќе им се придружат. Но, во секој случај би било добро тоа да биде на еден мирен и достоинствен начин. За да се покаже поголема демократска зрелост од оние кои што сакаат да не претстават во поинакво светло“, истакна синоќа Милошоски.