- Граѓаните на Минеаполис го отфрлија предлогот за реформа на полицијата, која беше планирана да се спроведе повеќе од една година откако полицаецот го уби Џорџ Флојд, што предизвика масовни антирасни протести во земјата и во светот.
Откако полицаец го уби Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) во мај 2020 година за време на апсењето, многумина во Минеаполис и на други места во земјата побараа распуштање на полицијата, пренесува АФП.
Против гласале 56 отсто од гласачите
Година и пол подоцна, граѓаните на Минеаполис се изјаснија дали сакаат „да ја заменат полициската служба со служби за јавна безбедност“, со што ќе се стави поголем акцент на превенцијата на криминалот.
Повеќе од 56 отсто од гласачите гласаа против реформата.
Против беше и демократскиот градоначалник на Минеаполис Џејкоб Фреј, кој го поздрави резултатот од гласањето.
„Потребна ни е длабока и структурна промена во системот за спроведување на законот во Америка“, им рекол Фреј на своите поддржувачи, објави Вашингтон пост.
„Истовремено, треба да се погрижиме полициските службеници да соработуваат директно со заедницата за да обезбедат безбедност“, додаде тој.
Да поминеше реформата, градоначалникот и градскиот совет заеднички ќе ја надгледуваа работата на полицијата и ќе беа наменети повеќе средства за психосоцијалните работници.