Граѓанските здруженија ќе протестираат доколку и следната година пораснат добивките на извршителите

од Берта Китинска
399 прегледи

И по неколку дена по објавувањето на веста дека минатогодишната, вкупна заработка на извршителитете во Македонија изнесувала вкупно 3,4 милиони евр, се уште не се намалени реакциите во јавноста. За дел од граѓаните, особено на оние кои се соочителе со одредена извршна пресуда, како и за дел од невладините здруженија, оваа сума е показател за дволичниот и пред се сомнителен начин на прибирање на средствата од се посиромашните граѓани.

“Следам од медиумиве дека тие бараат помош од Владата инаку ќе ги затвореле канцелариите. Дел од нив се имаат толку многу збогатено, што можат да ги затворат канцелариите и лагодно да си живеат до крајот на својот живот. Ако пораснат нивните добивки, бесот ќе порасне кај граѓаните. Излегуваме на протести’’, вели за Локално, Ана Глигорова од здружението “Стоп за грабежот’’. Категорична е дека се неопходни радикални резови во оваа сфера особено сега, за време на актуелната енергетска криза и превисоки цени. “Застарување на побарувања нема, затезната камата расте вртоглаво, се наплаќаат виртуелни долгови од фирми кои не постојат, препродадени кај фирми – откупувачи на долгови. Целта е да се ограби до гола кожа народот. Токму затоа, потребно е да се замрзне извршувањето за извесен период и да спроведе ревзија на спорните извршувања’’, вели Глигорова.

Категорично тврди дека дел од извршителите направиле тешки прекршоци, но и кривични дела, кои кога ќе се докажат ќе ја обелоденат спрегата со доверителите, големите фирми, нотарите и судиите. Оттука, како најдобро решение таа го повторува барањето, извршителите да се вратат во судската власт. Слух за помош на граѓаните Глигорова не очекува ниту од Министерството за правда до кое уште пред четири месеци поднеле барање за надзор над извршителите.

Според неа, станува збор за огромен број поплаки од граѓаните на кои за долг од 1000 денари им стигнал извршен налог од 20.000 денари, што се коси со Универзалната декларација за човекови права.

На иста линија со Глигорова е и Марјан Ненов од здружението “No pasaran’’ кој потсетува дека сите проблеми настанале откако извршителите беа издвоени од судот.

Според него, единствено разбирање за проблемите досега искажала поранешната министерка Дескоска во чиј период граѓанските организации успеале да ги скратат заработките на извршителите и да ги олеснат условите за извршување над граѓаните, но само за кус период. Во следниот период извршителите искажале несогласување поради намалените приходи, што според “ No pasaran‘’ било далеку од вистината.

“Овие профити се стекнати од извршување врз граѓаните, односно од нивни проблеми кои се засилени со трошоци за извршување. Во самото извршување извршителот прво си ги наплаќа своите трошоци, а потоа и на доверителот при што постапката често знае да биде и противзаконска, без давање можности за полесна наплата, со омаловажување на лицето и со одземање на предмети кои не смеат да се одземат, односно им се загрозува здравјето и животот’’, вели за Локално, Ненов.

Затоа мора да се стави крај на оваа пракса додава тој, бидејќи во спротивно, се повеќе граѓани ќе почнат да се соочуваат со извршителни пресуди поради кои егзистенцијата ќе им биде ставена во опасност.

K.В.С.

Слични содржини